Според написот, откако иницијативите на Трамп за постигнување договор засега не дале конкретни резултати, Вашингтон го засилил притисокот врз Киев да прифати одредени отстапки со цел завршување на конфликтот.
Специјалниот изасланик на Трамп, Стив Виткоф, и неговиот зет Џаред Кушнер, претходно неделава одржале долги разговори во Берлин со украински и европски претставници. Темите биле американските безбедносни гаранции за Украина, можни територијални отстапки и други клучни прашања, додека САД продолжиле да вршат дипломатски притисок за придвижување на мировниот процес.
Иако планот сè уште не е финализиран, доколку средбата во Мајами се одржи, американската страна ќе ги презентира резултатите од последната рунда разговори пред руските претставници. Според изворите, руската позиција во меѓувреме не претрпела значителни промени.
Се очекува руската делегација да ја предводи Кирил Дмитриев, директор на рускиот суверен фонд, додека од американска страна би учествувале Виткоф и Кушнер. Белата куќа засега не дала официјален коментар.
Како дел од понудите, САД наводно предложиле безбедносни гаранции за Украина слични на принципот на заемна одбрана што важи за членките на НАТО, при што Киев би се откажал од барањето за итно членство во Алијансата. Истовремено, во Вашингтон постои уверување дека Москва би можела да прифати западни безбедносни гаранции и членство на Украина во Европската унија како дел од конечен договор.
Сепак, изјавите на рускиот претседател Владимир Путин од изминатиот ден не укажуваат на промена на неговата позиција. На состанок со високи воени претставници во Москва, Путин порача дека Русија нема да се откаже од својата мисија да ја „ослободи својата историска територија“, додавајќи дека европските земји кои ја поддржуваат Украина, според него, на крајот ќе ја загубат власта.
Средбата во Мајами, доколку се реализира, би можела да биде еден од ретките директни контакти меѓу високи претставници на САД и Русија во обидите за дипломатско решавање на конфликтот.
Извор: N1info.rs
