Американски и руски дипломати ќе се сретнат во следните денови во Саудиска Арабија на преговори чија цел е да се запре скоро тригодишната војна во Украина, јавува денеска Ројтерс, наведувајќи дека украинскиот претседател Володимир Зеленски истакнува дека не е поканет во Ријад и дека Киев нема да влегува во разговори со Москва без консултации со партнерите.
Ројтерс пренесува, повикувајќи се на американскиот конгресмен Мајлс Мекол, дека во Саудиска Арабија ќе патуваат американскиот државен секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и изасланикот на Белата куќа за Блискиот Исток Стив Витков, но не се знае кој ќе биде нивниот соговорник од руската страна.
Мекол на маргините на Минхенската безбедносна конференција објаснил дека целта на овие разговори е да се организира состанок на двајцата претседатели, Доналд Трамп и Владимир Путин, но и Зеленски, за да се „дојде до мир и да се заврши овој конфликт”.
Извор запознаен со плановите потврдил дека се предвидени разговори помеѓу руските и американските функционери, иако Стејт департментот не одговорил на барањето на Ројтерс.
Стравувањата на Европа дека нема да биде вклучена во разговорите за мирот се потврдени со изјавата на Трамповиот специјален посланик за Украина Кит Келог, дека Европската унија нема да има место на тој стол, бидејќи Вашингтон испратил прашалник до европските престолнини за тоа што можат да допринесат за безбедносните гаранции за Киев.
Во Париз утре треба да се одржи неформален европски самит за Украина, чии домаќин ќе биде францускиот претседател Емануел Макрон.