Според податоците од платформата FlightRadar, леталата се движеле во зоната над островите Ла Орчила и Гран Роке, каде што Венецуела има воена инфраструктура. Неколкупати исчезнале од цивилниот радар, за потоа повторно да се појават — што, според воените аналитичари, е јасен сигнал за намерна демонстрација на сила.
Како што пишува британскиот UK Defence Journal, траекторијата на летот одговара на патролни и тренинг мисии што американските сили редовно ги изведуваат од базата Barksdale во Луизијана. Сепак, близината на венецуелската граница и отворената видливост на летот во јавни системи за следење укажуваат дека станува збор за симболична операција на одвраќање и политичка порака.
Овие мисии, наведува списанието, имаат цел да ја тестираат издржливоста на екипажите, но и да потсетат дека САД имаат капацитет за интервенција во регионот во секое време.
Само еден ден претходно, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американска морнарица уништила мал брод кој наводно превезувал дрога во близина на венецуелските води, при што загинале шест лица. Каракас го нарече овој чин „актив на агресија и кршење на суверенитетот“.
Тензиите меѓу двете земји се зголемуваат веќе со месеци — САД спроведуваат низа удари врз бродови и објекти кои ги поврзуваат со наркокартели во регионот, додека Венецуела тврди дека се работи за прикриени воени операции со цел соборување на режимот на Николас Мадуро.
Трамп ја обвини венецуелската власт за вклученост во организиран криминал и трговија со дрога, а неговата администрација ја зголеми награда за информации што водат до апсење на Мадуро на 50 милиони долари.
Како одговор, Мадуро прогласил вонредна состојба, наредил мобилизација на боливарската милиција и поставил воена готовност на највисоко ниво. „Американските провокации нема да поминат неказнето,“ изјави венецуелскиот претседател.
Организациите за човекови права, пак, предупредуваат дека правниот статус на американските воздушни и поморски напади е спорен, а Обединетите нации повикаа на воздржаност, предупредувајќи дека секоја ескалација може да ја дестабилизира целата Јужна Америка.
Бомбардерот B-52 Stratofortress, во служба уште од 1950-тите, останува симбол на американската стратегиска моќ. Со осум мотори, распон на крила од 56 метри и носивост од преку 31 тон оружје, тој може да носи конвенционални, крстосувачки и дури нуклеарни бомби.
И покрај староста, моделот B-52H и натаму е основа на американската воздушна стратегија и редовно се модернизира, со планови да остане во употреба барем до 2050 година.
Американските авиони и денес се видливи на радари над Карипското Море. И додека Вашингтон зборува за „вежби и координација со партнерите“, Каракас го гледа тоа како провокација со јасна порака: моќта на САД и понатаму кружи над неговите граници.
Извор: Index.hr