Издавачката куќа „Арс Ламина“ го најавува ексклузивното гостување на популарната американска писателка на психолошки трилери, Сара Пеканен, во Скопје на 25 април, во aрена „Борис Трајковски“, на Саемот на книга.
На средбата со македонските читатели, на 25 април (сабота), која ќе започне во 13 часот, ќе биде промовиран нејзиниот нов психолошки трилер „Куќа од стакло“, што неодамна излезе од печат на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
По промоцијата ќе следуваат потпишување и дружба со авторката. За време на гостувањето во Скопје, таа ќе одржи и мастерклас.
Сара Пеканен ѝ е позната на македонската публика и како коавторка на бестселерите „Анонимна девојка“, „Не си сама“ и „Златната двојка“, што ги има напишано заедно со својата пријателка и уредничка Грир Хендрикс. Досега има објавено 15 книги – самостојни и коавторски изданија.
Книгата „Куќа од стакло“ беше номинирана за наградата Goodreads Choice Award и беше прогласена за една од најдобрите книги на годината на „Амазон“. Таа беше и главен избор на Book of the Month, како и прворангирана книга според LibraryReads.
Книгата веќе е достапна во поголемите книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.