Американската централна банка ги намали каматните стапки

Американската централна банка (ФЕД) ја намали клучната каматна стапка на 3,9%. Пауел вели дека натамошни намалувања не се извесни поради блокадата на владата и високата инфлација.

Федералните резерви (FED) – централната банка на САД, вечерва по втор пат оваа година ја намалија клучната каматна стапка, со цел да го поддржат економскиот раст и вработувањето, и покрај тоа што инфлацијата и понатаму е зголемена.

Претседателот на FED, Џером Пауел, предупреди дека понатамошни намалувања не се загарантирани, наведувајќи дека одлуката е донесена во услови на недостиг од економски извештаи поради блокадата на сојузната влада, како и поради длабоки поделби меѓу 19-те функционери на банката кои ја кројат монетарната политика.

Намалување за четвртина поен

Со новата одлука, клучната каматна стапка се намалува на околу 3,9%, од претходните 4,1%.
Во текот на 2023 и 2024 година, стапката беше зголемена до околу 5,3% за да се запре највисоката инфлација во последните четири децении.

Минатата година следуваа три последователни намалувања, а ова е второ по ред во 2025 година.

Што значи ова за граѓаните и бизнисите?

Намалувањето на каматните стапки постепено може да ги намали трошоците за кредити – хипотеки, автомобилски и бизнис заеми, како и кредитни картички.

Сепак, Пауел истакна дека економската неизвесност и недостигот од официјални владини податоци го отежнуваат процесот на донесување понатамошни одлуки.
Заради буџетската блокада во Вашингтон, не се објавуваат месечните извештаи за инфлација, вработеност и потрошувачка, кои се клучни индикатори за FED.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни