Ова е првото прикажување на филмот во САД, каде што љубителите на документарната уметност на Менхетен ќе можат да ја проследат неверојатната вистинска приказна за штркот Силјан – филм кој веќе привлекува глобално внимание и интерес од критиката.
По проекцијата ќе се одржи разговор со публиката, на кој ќе учествуваат режисерката и продуцент Тамара Котевска и кинематограферот и продуцент Jean Dakar. Тие ќе споделат детали за процесот на создавање на филмот и за приказната која открива исклучителна поврзаност меѓу човек и диво животно.
Филмот ја започна својата светска фестивалска патека во Венеција, каде што ја освои наградата Cinema & Arts Award на Venice Film Festival – успех што ја најави неговата меѓународна ресонанца. Следеа низа признанија, номинации и проекции на реномирани фестивали како NY Doc, IDA, Bergen, Cinema Eye Honors и Coronado Island Film Festival.
Врвниот интерес за „Приказната за Силјан“ кулминираше кога National Geographic Documentary Films ги откупи правата за дистрибуција – потврда за глобалниот потенцијал и квалитет на филмот.
Филмот е и македонски кандидат за Оскар во категоријата „Најдобар странски филм“, а истовремено National Geographic го пријави и во трката за Оскар за „Најдобар документарен филм“, со што оствари двојна кампања и нова можност Македонија повторно да се најде меѓу номинираните.
Вечерашната премиера во Њујорк претставува важен момент – првиот директен судир на „Силјан“ со американските гледачи, критичарите и селекторите на фестивали. Се очекува и силен интерес од македонската заедница во градот, која внимателно го следи меѓународниот успех на филмот.
„Приказната за Силјан“, документарен филм за несекојдневното пријателство меѓу човек и штрк што прерасна во глобална инспирација, вечерва го започнува својот најзначаен лет на американско тло.
