Американка рангираше 26 европски градови – овој ѝ беше најгрд

По патувања низ 26 градови ширум Европа, Американката Чарли Севил предизвика бурни реакции на социјалните мрежи со објавата во која ги рангираше градовите од најлош до најдобар според сопствени критериуми – храна, атмосфера, пристапност и целокупно искуство.

Во видео објавено на TikTok профилот @charliewallace64, Чарли напомена дека се работи за нејзино лично мислење: „Некои ставови можат да бидат контроверзни, но токму тоа го прави патувањето лично.“ Сепак, нејзината листа предизвика низа реакции, особено поради изборот на „најгрд“ град во Европа.

На дното на листата се најде Катана во Италија, со оцена 3 од 10. Градот, според Чарли, бил „запуштен, прљав и неуреден“, а квалитетна храна тешко се наоѓала – што, според неа, било изненадување за италијански град. Единствен позитивен момент го пронашла во погледот кон вулканот Етна. „Нема многу што да се прави, освен да се шета низ центарот“, напиша таа.

Веднаш по Катана, со оцена 3,2 се најде Бирмингем во Велика Британија. Градот, според Чарли, „нема шмек ниту карактер“, а центарот бил „блед и неинтересен“. Сепак, таа додава дека многумина ѝ препорачале да го посети во декември, кога се одржуваат божиќните вашари, што, можеби, му дава мал потенцијал за реабилитација.

Разочарување доживеала и во Манчестер, кој доби оцена 3,8. „Сиво небо, ситна дождовница и студ“, вака го опиша градот. Дополнително, атракциите биле расфрлани низ целиот регион на Голем Манчестер, што отежнувало обиколка.

Изненадување на листата беше и Прага, која доби само 4 од 10. Иако овој град е меѓу најпосетуваните туристички дестинации во Централна Европа, Чарли го оцени како „преценет“. Големата гужва и пренатрупаноста на туристички места како Карловиот мост и Прашкиот замок, не ѝ оставиле позитивен впечаток. Сепак, го оцени како достапен и историјата ѝ била интересна.

На средината на листата се најде Краков со 6,3. Според Чарли, градот бил шармантен, пристапен и лесен за обиколка, но не оставил длабок впечаток и може да се истражи за два до три дена.

Во врвот на нејзината листа, на третото место, се најде Бат, Англија. Со оцена 9,3, овој град, познат по грузијската архитектура и камените згради, ја освои со својата елеганција, малите бутици, кафулиња и топла атмосфера.

Лондон се најде на второ место со високи 9,6. Иако живее таму веќе четири години, Чарли пишува: „Сè уште не ми здосади.“ Градот го опишува како спој на различни култури, кујни и стилови – динамичен, брз, но и единствен.

На врвот на нејзината листа, со скоро совршена оцена од 9,9, се најде Севиља во Шпанија. Градот ѝ оставил најсилен впечаток со „сонце, ведрина и душа“. Според неа, Севиља е вистински автентична, топла и незаборавна. „Едвај чекам да се вратам“, напиша во завршниот дел од нејзината објава.

Иако нејзините впечатоци се целосно субјективни, реакциите на корисниците на социјалните мрежи не изостанаа. Некои се согласија, други жестоко ги бранеа своите омилени градови. Но едно е јасно – ваквите ранг-листи секогаш ќе предизвикуваат дебати, затоа што градовите, исто како и патувањата, се доживуваат различно од секој човек.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни