Американец си инјектирал змиски отров 18 години, создал најсилен противотров

Американецот Тим ​​Фрид си инјектирал змиски отров 18 години, што можеби довело до создавање на противотров со широк спектар, соопштија научниците.

Антителата пронајдени во крвта на Тим Фрид штитат од смртоносни дози од широк спектар на змии, додека достапните терапии мора да бидат прилагодени на специфичниот тип на отровна змија што каснала некого.

Досега, Фрид преживеал повеќе од 200 отровни каснувања и повеќе од 700 инјекции со отров од најсмртоносните змии во светот, вклучувајќи повеќе видови мамба, кобра, тајпан и краит.

На почетокот сакал да го изгради својот имунитет за да се заштити при ракување со змии, документирајќи ги своите напори на YouTube, но на самиот почеток од овој експеримент завршил во кома поради два каснувања од кобра за краток временски период.

Но, поранешниот механичар на камиони рече дека „целосно згрешил“ уште од самиот почеток.

„Не сакав да умрам. Не сакав да изгубам прст. Не сакав да отсуствувам од работа“, изјави тој за Би-Би-Си.

Противотровот моментално се прави со инјектирање мали дози змиски отров кај животни, како што се коњите, чиј имунолошки систем се бори против отровот со производство на антитела, а тие се собираат за да се користат како терапија.

Отровот и противотровот мора да бидат тесно поврзани бидејќи токсините во отровот варираат од вид до вид, но тим истражувачи почнал да бара еден вид имунолошка одбрана наречена „широко неутрализирачки антитела“.

Наместо да го таргетираат делот од токсинот што го прави уникатен, тие ги таргетираат деловите што се заеднички за цели класи на токсини.

Тогаш лекарот Џејкоб Гленвил, извршен директор на биотехнолошката компанија „Сентивакс“, се сретнал со Тим Фрид.

„Веднаш помислив дека ако некој во светот развил овие широко неутрализирачки антитела, тоа е тој и затоа се обратив кон него“, рече тој.

Истражувањето се фокусираше на елапидите, една од двете семејства на отровни змии, како што се коралните змии, мамбите, кобрите, тајпаните и краитите.

Елапидите првенствено користат невротоксини во својот отров, кои го парализираат нивниот плен и се фатални кога ги запираат мускулите потребни за дишење.

Истражувачите избраа 19 елапиди идентификувани од Светската здравствена организација како најсмртоносни, а потоа ја тестираа крвта на Фрид.

Студијата идентификуваше две широко неутрализирачки антитела кои би можеле да таргетираат две класи на невротоксини, а тимот додаде трето антитело за да создаде коктел противотров.

Во експерименти врз глувци, животните со помош на овој противотров преживеале инјекции со смртоносни дози отров од 13 од 19 видови отровни животни, а имале делумна заштита од преостанатите шест.

„Ова е неспоредлив опсег на заштита, веројатно опфаќајќи цел спектар на елапиди за кои во моментов нема противотров“, рече Гленвил.

Отровните змии моментално убиваат околу 140.000 луѓе годишно, а три пати повеќе луѓе бараат ампутации или се соочуваат со траен инвалидитет како резултат на каснување од овие змии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни