Американската Јужна команда (SOUTHCOM) соопшти дека извела напади врз три пловила во меѓународни води, при што биле убиени осум мажи. „Разузнавачките служби потврдија дека пловилата се движеле по познати рути за шверц на дрога во источниот Пацифик и дека биле вклучени во трговија со наркотици“, објави американската војска на платформата X, заедно со снимки од нападите.
Соединетите Американски Држави досега нападнале повеќе од 20 пловила во Тихиот океан и Карипското Море, во близина на Венецуела, како дел од воената кампања што ја започна претседателот Доналд Трамп против шверцот на дрога од регионот.
Во тие операции, според официјалните податоци, биле убиени најмалку 90 осомничени шверцери на дрога.
Незаконски убиства?
Користењето на војската за напади врз пловила осомничени за транспорт на дрога претставува значително отстапување од досегашниот начин на кој САД се справуваа со вакви случаи. Администрацијата на Трамп се обидува да ја оправда законитоста на нападите, иако дел од правните експерти тврдат дека станува збор за незаконски вонсудски убиства.
„Нашите операции во рамки на SOUTHCOM се законски според американското и меѓународното право, а сите активности се во согласност со Законот за вооружени судири“, изјави претходно овој месец портпаролот на Пентагон, Кингсли Вилсон.
Овие напади се сметаат за можна најава на американски копнени удари врз Венецуела, за кои претседателот Трамп изјави дека би можеле да започнат наскоро.