Израел вечерва изврши нови воздушни напади врз Појасот Газа, само неколку часа откако премиерот Бенјамин Нетанјаху ѝ нареди на армијата да одговори на, како што рече, „кршењата на примирјето“ од страна на Хамас.
Според палестински извори, најмалку 11 лица загинале во нападите врз Кан Јунис и Газа Сити, а неколкумина се повредени, јавуваат Reuters и AFP. Еден од нападите бил извршен во близина на најголемата болница во Газа – Шифа, што предизвика голема паника меѓу жителите.
Портпаролот на Агенцијата за цивилна заштита во Газа, Махмуд Басал, изјави дека „окупаторот повторно ја бомбардира Газа, и покрај договорот за прекин на огнот“.
Американците биле информирани
Според The Times of Israel, владата на САД била известена за нападите дури откако Нетанјаху ја издал наредбата за нивното извршување. Американски и израелски претставници подоцна потврдиле дека Вашингтон бил информиран пред самите напади, но по донесувањето на одлуката.
„Бевме известени,“ изјавил висок функционер од администрацијата на претседателот Доналд Трамп, додавајќи дека координацијата се одвивала преку американскиот центар за надзор на примирјето.
Началникот на Генералштабот на израелската војска, Ејал Замир, изјави дека Израел „нема да молчи“ на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
„Ако Хамас не ги исполни своите обврски, ќе плати висока цена. Војната не е завршена,“ нагласи Замир.
В3нс: „Очекуван одговор на Израел“
Американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс ја намали важноста на инцидентот, истакнувајќи дека примирјето ќе остане на сила.
„Ќе има помали судири, тоа е очекувано. Знаеме дека Хамас нападна израелски војник и дека Израел ќе реагира,“ рече Венс.