Околу 15 отсто од Американците би биле подготвени да работат на работно место каде што нивниот директен надреден би бил програма со вештачка интелигенција, која доделува задачи и го одредува распоредот, наместо човек, покажува ново истражување.
Иако мнозинството испитаници и натаму ја отфрлаат таквата можност, трендот на растечка доверба во управување со AI станува сè поочигледен, паралелно со ширењето на примената на вештачката интелигенција во компаниите.
Технолошки решенија што автоматизираат менаџерски функции веќе воведуваат компании како Amazon и Workday, додека во Uber инженерите развиле дури и AI модел на извршен директор за првично разгледување на деловни идеи, пренесува TechCrunch.
Овој тренд е дел од поширока промена во организацијата на трудот, што аналитичарите ја нарекуваат „големо порамнување“, при што се намалува бројот на средни менаџерски нивоа, а AI автоматизацијата презема дел од нивните функции.
Во екстремно сценарио, се споменува можноста за создавање компании вредни милијарди долари што би функционирале со минимален број вработени, потпирајќи се на автоматизирани процеси и AI системи.
Растот на употребата на вештачката интелигенција предизвикува загриженост кај работниците.
Дури 70 отсто од испитаниците сметаат дека развојот на вештачката интелигенција ќе го намали бројот на работни места за луѓето, додека 30 отсто од вработените изразуваат страв дека токму нивната работа би можела да стане непотребна.
Истражувањето било спроведено на примерок од 1.397 возрасни лица во Соединетите Американски Држави, во периодот од 19 до 23 март.