Америка во војна со картелите: 87 убиени во низа напади врз бродови

Во серија напади на американската војска во меѓународни води, кои траат од почетокот на септември, убиени се 87 лица, а уништени се 23 пловила.

Вашингтон ја оправдува операцијата како борба против шверцот на дрога кон Соединетите Држави, но кампањата предизвика бројни контроверзии поради недостиг на докази и спорната правна основа, пренесува CNN.

Администрацијата на Доналд Трамп го извести Конгресот дека САД се во „оружен судир“ со нарко-картелите, а убиените лица ги означува како „незаконити борци“. Правната основа за изведување смртоносни напади без судски надзор се темели на доверлив документ на Министерството за правда.

Но, дел од членовите на Конгресот и организации за човекови права ја оспоруваат таквата одлука, оценувајќи дека осомничените трговци со дрога би требало да им бидат судени – политикa што важеше пред доаѓањето на Трамп на власт.

Администрацијата досега не презентираше јавни докази за присуство на дрога на таргетираните пловила или за нивна поврзаност со картелите. Американските воени претставници потврдија дека ниту еден американски војник не бил повреден во нападите.

2 септември: Првиот напад и контроверзниот „двоен удар“
Првиот напад се случил на Карибите. Трамп го објави почетокот на офанзивата на социјалните мрежи, наведувајќи дека американските сили извеле „кинетички удар против позитивно идентификувани нарко-терористи од Tren de Aragua“.

Тој предупреди: „Нека ова биде предупредување за сите кои дури и помислуваат да внесат дрога во САД. ПАЗЕТЕ!“ Извори за CNN потврдија дека американската војска извела и втор удар поради сомнеж дека дел од екипажот преживеал.

Во вториот напад била усмртена целата преостаната посада, со што бројот на загинати се искачил на 11, а пловилото било потопено. Постоеја информации дека бродот се свртел пред нападот, што дополнително отвори прашања околу законитоста на „двострукиот удар“, кој може да се толкува како кршење на правилата за вооружен судир.

15 септември: Зголемени тензии со Венецуела
Во вториот напад, изведен помалку од две недели подоцна, убиени се три лица. Трамп тврдеше дека пловилото превезувало дрога од Венецуела. Нападот дојде во момент на значително зголемени тензии меѓу двете земји. Венецуелскиот претседател Николас Мадуро ги нарече акциите „сериски егзекуции“ и побара истрага од ОН, а министерот за одбрана Владимир Падрино оцени дека станува збор за „необјавена војна“.

Напади кон крајот на септември и почетокот на октомври
На 19 септември Трамп објави нов напад, во кој загинале три лица. На 3 октомври министерот за одбрана Пит Хегсет извести за уште еден напад кај брегот на Венецуела, во кој биле убиени четири лица. Според него, разузнавачките служби „без сомнение“ потврдиле дека пловилото пренесувало наркотици.

14 октомври: Пентагон го појаснува статусот на метите
Во петтиот напад, изведен кај венецуелскиот брег, убиени се шест лица. Трамп повторно тврдеше дека пловилото било поврзано со „означена терористичка организација“. Истовремено, Пентагон во писмо до Конгресот објави дека Трамп прогласил „оружен судир“ со нарко-картелите, третирајќи ги нивните членови како „незаконити борци“.

16 октомври: Инцидент со преживеани
Во шестиот напад на Карибите преживеале две лица од Еквадор и Колумбија. Тие, по краток притвор на американски воен брод, биле вратени во своите земји. Трамп изјави: „Најмалку 25.000 Американци ќе умреа ако дозволев оваа подморница да стигне до нашите брегови.“

Колумбискиот преживеан, 34-годишниот Јеисон Обандо Перез, бил вратен во тешка здравствена состојба. Вториот, Еквадорецот Андрес Фернандо Туфињо Чила, претходно бил осудуван во САД за трговија со дрога. Неговата сестра за CNN изјави: „Не, не… Тој не е криминалец.“

17 октомври: Судир со Колумбија
Хегсет објави дека било уништено седмо пловило поврзано со колумбиска терористичка организација, при што загинале сите три членови на екипажот. Тој изјави дека „овие картели се Ал Каеда на Западната хемисфера“.

Инцидентите доведоа до остар јавен конфликт со колумбискиот претседател Густаво Петро, кој ја обвини Америка за убиство на невин државјанин. Трамп возврати со најавa дека целата американска помош за Колумбија ќе биде укината.

21 и 22 октомври: Операцијата се проширува на Пацификот
Американската војска тогаш извела и први удари во Пацификот, уништувајќи две пловила и убивајќи пет лица. Хегсет порача дека „нарко-терористите нема да најдат безбедно прибежиште никаде во нашата хемисфера“.

Крај на октомври: Интензивирање на операцијата
Во десеттиот напад на 24 октомври убиени се шест членови на екипажот. На 27 октомври биле извршени повеќе напади во еден ден – три ракети погодиле четири пловила во источниот Пацифик. Загинале 14 лица, а еден преживеан не бил пронајден.

На 29 октомври во Пацификот биле убиени уште четири лица.

Ноември: Кампањата продолжува
Нападите продолжиле и во ноември, без знаци на запирање. Во шест одделни инциденти на Карибите и Пацификот убиени се 21 лице . Хегсет и Јужното командување редовно објавуваа снимки и информации, тврдејќи дека сите таргетирани пловила биле поврзани со терористички организации и шверц со дрога.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни