Америка шест дена ќе се простува од поранешниот претседател Џими Картер

Џими Картер ќе биде погребан на приватна церемонија покрај својата сопруга

Сеќавањето на поранешниот американски претседател Џими Картер, кој почина на 29 декември во својата 100-та година, започна во сабота во неговото родно место во Џорџија. Шестдневните церемонии ќе траат до 9 јануари, кој е прогласен за Ден на жалост.

Демократскиот претседател од 1977 до 1981 година, Џими Картер, изгради светски имиџ на миротворец, чие хуманитарно ангажирање беше наградено со Нобелова награда за мир во 2002 година. Кога беше објавено неговото починување, изрази на сочувство пристигнаа од целиот свет.

Шестдневните церемонии, кои ќе кулминираат на 9 јануари во Вашингтон, започнаа во сабота во 10:15 часот по локално време, кога агенти на тајната служба, задолжени за заштита на политичарите, го донесоа ковчегот со поранешниот претседател. Конвојот прво помина низ улиците на Плејнс, неговиот роден град за кој беше многу поврзан. Го следеше толпа луѓе кои мавтаа со американски знамиња.

Пред неговата семејна фарма, на која израснал, камбаните биеле 39 пати, бидејќи тој бил 39-ти претседател на САД.

Ковчегот ќе биде префрлен во Атланта, главниот град на Џорџија, каде ќе му биде оддадена почит пред Капитол во оваа држава, каде што бил локален сенатор и потоа гувернер. Погребните коли потоа ќе се упатат во Центарот на Картер, фондацијата која поранешниот претседател ја основал во 1982 година со својата сопруга Розалин, која почина во 2023 година во 96-та година од животот.

Фондацијата се занимава со спречување конфликти, заштита на демократијата и јавните здравствени прашања во светот. Картер за својот ангажман во фондацијата добил признание од директорот на Светската здравствена организација (WHO).

Во вторник наутро, ковчегот на Картер ќе биде префрлен во Вашингтон со официјален лет наречен “Special Air Mission 39”, во придружба на неговото семејство. Конвојот ќе го однесе до Меморијалниот центар на Американската морнарица. Картер дипломирал на Морнаричката академија во 1946 година и служел на разарачи и подморници.

Погребната процесија ќе се упати кон Капитол, седиштето на американскиот Конгрес, во 14:00 часот по локално време. Ковчегот ќе го влечат коњи. Таму, во 15:00 часот, ќе се одржи свечено оддавање почит пред присутните конгресмени.

Ковчегот со поранешниот претседател потоа ќе биде изложен за јавноста од 19:00 до полноќ во вторник, а потоа од 07:00 во среда до 07:00 во четврток. Картер ќе биде 13-ти поранешен претседател чии останки ќе бидат изложени во Капитол. Првиот бил Абрахам Линколн, кој беше убиен во 1865 година.

Претседателот на заминување, Џо Бајден (82), ќе одржи говор на збогување. На последниот испраќај ќе присуствуваат и новоизбраниот претседател Доналд Трамп (78), кој ќе положи заклетва на 20 јануари.

Во чест на Картер, американските знамиња ќе бидат спуштени на половина копје за време на 30 дена од неговата смрт, вклучувајќи го и денот на инаугурацијата на Трамп, што тој веќе го критикуваше. На церемонијата ќе присуствуваат и поранешните претседатели Бил Клинтон, Џорџ В. Буш и Барак Обама.

Ковчегот ќе биде вратен во Џорџија со истиот лет “Special Air Mission 39”. Приватна молитва ќе се одржи во баптистичката црква во Плејнс во 15:45 часот. Јавноста ќе може да го следи конвојот со ковчегот низ градот, кој има околу 600 жители. Градот ќе биде надлетан од авиони на американската морнарица по пристигнувањето на ковчегот. Џими Картер ќе биде погребан на приватна церемонија во 17:20 часот, покрај својата сопруга.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни