Америка нападна брод во источниот Пацифик, едно лице убиено

Американската војска нападна сомнително пловило во источниот Пацифик, при што едно лице е убиено. Нападот е дел од операцијата „Јужно копје“ и засилениот притисок врз Венецуела.

Американската војска изврши уште еден напад врз таканаречено „нископрофилно пловило“, за кое постои сомнеж дека било користено за шверц на дрога во источниот Тихи Океан, при што едно лице е убиено, потврди Јужната команда на САД (SOUTHCOM), пишува CNN.

„На 22 декември, по наредба на министерот за одбрана Пит Хегсет, Заедничката оперативна група Јужно копје изврши смртоносен воен удар врз нископрофилно пловило управувано од организации кои Соединетите Американски Држави ги прогласиле за терористички, во меѓународни води“, објави SOUTHCOM на социјалната мрежа X, додавајќи дека во нападот не бил повреден ниту еден припадник на американските сили.

Операција „Јужно копје“

Овој напад е дел од поширока кампања наречена „Операција Јужно копје“, за која администрацијата на Доналд Трамп тврди дека е насочена кон сузбивање на трговијата со наркотици. Во рамки на оваа операција досега биле убиени најмалку 105 лица во напади врз сомнителни пловила.

Само минатата недела, американската војска нападнала два брода во источниот Пацифик, при што биле убиени пет лица.

Администрацијата загинатите лица ги означува како „незаконски борци“, тврдејќи дека има овластување да спроведува смртоносни напади без судски надзор, врз основа на доверлив правен став на Министерството за правда.

Притисок врз Венецуела

Нападите се дел од засилените американски воени активности во Јужна Америка во последните месеци, кои се поклопуваат со кампањата на притисок врз Венецуела. Претседателот Доналд Трамп ја обвини оваа земја за кражба на американска „нафта, земја и друг имот“.

Минатата недела Трамп нареди „целосна и сеопфатна блокада“ на санкционираните нафтени танкери што пловат кон и од Венецуела. Овој месец американските сили пресретнаа уште два танкери во близина на венецуелскиот брег, а потрагата по трет е сè уште во тек.

Овие заплени се случуваат во услови на масовно зголемување на присуството на американската морнарица и трупи на Карибите, со што Трамп дополнително го зголемува притисокот врз венецуелскиот претседател Николас Мадуро, со цел да му ги прекине приходите од нафта.

Пораката на Трамп до Мадуро

Трамп вчера одби да одговори на прашањето за неговата крајна цел во Венецуела, но повторно се закани со копнени напади и порача дека би било „паметно“ Мадуро да се повлече.

„Нема одговор. Може да прави што сака. Имаме масивна армада – најголемата што некогаш сме ја имале и најголемата што некогаш сме ја имале во Јужна Америка“, рече Трамп.
„Може да прави што сака. Ако сака да направи нешто, ако игра грубо, тоа ќе биде последен пат да може да игра грубо.“

Реакцијата на Венецуела

Венецуела во понеделникот возврати, тврдејќи дека поморската блокада наредена од Соединетите Американски Држави би ги нарушила глобалните енергетски резерви. Ова се наведува во писмо потпишано од Мадуро, кое го прочита министерот за надворешни работи Иван Хил.

Мадуро, исто така, го критикуваше распоредувањето на американската војска на Карибите, кое САД го оправдуваат со борбата против трговијата со дрога, нарекувајќи го „директна закана која вклучува употреба на сила“.

Во писмото се осудуваат американските напади врз пловила на Карибите и Пацификот како дел од „систематска практика на смртоносна сила“ надвор од рамките на меѓународното право.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни