Америка ја продаде првата пратка венецуелска нафта за 500 милиони долари

Соединетоте Американски Држави ја завршија првата продажба на венецуелска нафта во вредност од 500 милиони долари, потврди висок функционер на администрацијата. Во наредните денови и недели се очекуваат и дополнителни продажби на нафта, додаде функционерот, пишува CNN.

Овој потег следува откако Соединетите Држави претходно овој месец извршија инвазија врз Венецуела и го заробија нејзиниот претседател Николас Мадуро. Претседателот Доналд Трамп јасно стави до знаење дека планира да ги искористи огромните нафтени резерви на таа земја.

Планови и скепса од индустријата

Трамп во петокот изјави дека нафтената индустрија ќе вложи најмалку 100 милијарди долари во обновата на уништениот енергетски сектор на Венецуела, иако не е јасно од каде потекнува таа проценка. Плановите на администрацијата за капитализирање на венецуелската нафта наидоа на скепса кај американските директори од енергетскиот сектор за време на состанокот одржан во петокот во Белата куќа.

„Неисплатливо е за инвестиции“, им рекол извршниот директор на ExxonMobil, Дарен Вудс, на владините претставници, зборувајќи за пречките за работење во Венецуела. „Потребно е да се воспостават низа правни и комерцијални рамки за воопшто да се разбере каков поврат на инвестицијата би можеле да очекуваме.“

Неколку други директори исто така изразиле воздржаност кон работење во таа латиноамериканска земја. По долготрајниот состанок, Трамп и неговите најблиски соработници не добиле никакви значајни обврски од компаниите за инвестирање милијарди долари.

Детали за продажбата

Деталите за првата продажба на нафта, реализирана во средата, останаа нејасни. Во соопштение, портпаролката на Белата куќа Тејлор Роџерс изјави дека „тимот на претседателот олеснува позитивни и тековни разговори со нафтени компании кои се подготвени и волни да вложат невидени средства за обнова на венецуелската нафтена инфраструктура“.

Во исто време, Reuters во средата објави дека венецуелската сурова нафта им се нуди на трговците по намалени цени во споредба со конкурентната нафта од други земји, како што е Канада.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни