Американските вооружени сили, заедно со партнерски единици, изведоа опсежни напади врз повеќе цели на ИСИС низ Сирија, соопшти U.S. Central Command. Нападите биле изведени околу 18:30 часот по средноевропско време.
Според соопштението, акцијата е дел од операцијата Hawkeye Strike, која е активна од декември 2025 година. Операцијата е започната по смртоносниот напад на Исламската Држава во близина на Палмира, во кој загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач.
Од американската војска наведуваат дека целта на нападите е неутрализирање на позициите на ИСИС низ Сирија, спречување идни напади и заштита на американските сили и нивните сојузници на терен.
„Доколку им наштетите на нашите војници, ќе ве пронајдеме и ќе ве елиминираме, без разлика каде се наоѓате“, се наведува во пораката што ја пренесе CENTCOM, нагласувајќи дека операциите против ИСИС ќе продолжат.
Операцијата е наредена од американскиот претседател Доналд Трамп, како дел од, како што наведуваат властите, долгорочната стратегија за сузбивање на терористичките закани во регионот.
