Амели Ленс отворено за два спонтани абортуси: „Мора да зборуваме за ова“

Белгиската диџејка и продуцентка Амели Ленс, една од најголемите ѕвезди на техно сцената, ја отвори својата душа пред своите следбеници на Instagram, споделувајќи болно и често премолчувано искуство – два спонтани абортуси во последните неколку години.

Во долгата и искрена објава, Ленс започна со шокантен податок што, како што вели, многу жени не го знаат: „Една од пет бремености завршува со спонтан абортус. Јас тоа не го знаев. Никој не ми кажа.“

Таа откри дека пред раѓањето на својата ќерка Кики, доживеала прв спонтан абортус – на лет за Индија. „Отидов во две болници во Делхи и сепак ја одсвирев мојата вечерна настап со помош на апчиња за болка. Не знам зошто не му кажав никому,“ пишува Ленс.

Ленс раскажува како чувството на мајчинство почнало во моментот кога дознала дека е бремена. „Почнуваш да сонуваш за тоа мало човече, да му правиш место во срцето, иднината ти се менува. И одеднаш жалиш за бебе за кое никој друг дури и не знаел дека ќе дојде.“

По раѓањето на Кики, Ленс повторно останала бремена пред само неколку недели. Но, по крварење и првичен преглед на кој сепак се слушал срцев ритам, надежта се згаснала. „Синоќешниот преглед покажа дека нема повеќе срцево чукање. Денес требаше да сум два месеци бремена. И повторно, никој не знаеше дека сум бремена, па се чувствувам како да не можам да им кажам на луѓето низ што поминувам. Пак.“

Белгиската ѕвезда призна дека оваа тишина околу темата ја прави болката уште потешка. „Сакам да биде нормално да го кажеме тоа гласно. Да кажеме дека сме бремени иако е рано, и дека шансите за спонтан абортус се големи. Така, ако некој ме прашаше ‘Како си?’, можев да кажам ‘Не сум добро, можеби ќе го изгубам бебето’. Наместо тоа, се насмевнав и реков ‘Добро сум’.“

Ленс нагласи дека не бара сожалување, туку сака други жени и парови да знаат дека не се сами. „Спонтаниот абортус е невидлива тага. А кога луѓето прашуваат ‘Зошто?’, нè тераат да се чувствуваме како да сме направиле нешто погрешно. Но, најчесто нема зошто – тоа се хромозомски абнормалности, природата носи одлука.“

Таа предупредува дека ова искуство е далеку почесто отколку што мислиме, а молкот околу него ја зголемува изолацијата и болката. „Не сакам ниту една жена или пар да се чувствуваат толку сами како што се чувствувавме ние,“ вели Ленс.

Во моментот на објавата, нејзиното тело сè уште не почнало природно да го исфрла плодот, па ќе мора да помине низ медицинска постапка, која, како што вели, може да биде болна. „Мојот доктор вели дека можам да ги одржам моите настапи оваа недела, со лекови против болка. Музиката ме лечи и нема место каде би сакала да бидам повеќе од мојата диџејска кабина, со мојот сопруг покрај мене.“

Објавата на Ленс наиде на голема поддршка од фановите и колегите од музичката индустрија, кои ја пофалија за храброста да зборува за тема што често останува зад затворени врати. Со нејзината искреност, таа повторно потсети дека зад гламурот на светските сцени и беспрекорните настапи, постојат човечки приказни полни со болка, љубов и надеж.

Со овој јавен повик да се крши тишината, Амели Ленс можеби ќе инспирира повеќе жени да зборуваат отворено за своите искуства, а општеството да го прифати разговорот за спонтаниот абортус како нормален и потребен дел од грижата за женското здравје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни