Во срцето на Скопје, каде урбаната култура сè повеќе бара простор за слободен израз, „Амбер Џез Фестивал“ во Бруклински Џез Бистро се појави како интимен, но моќен глас на современата македонска џез сцена. Со топла атмосфера, органска соработка и љубов кон музиката, фестивалот го продолжува духот на Бруклински — место каде џезот не е само жанр, туку начин на живот.
„Идејата за мене Амбер Џез Фестивал е продолжение на духот на Бруклински, топлата атмосфера, слободата на изразот и љубовта кон џез музиката,“ вели Александар Насковски, еден од иницијаторите на фестивалот.
Фестивалот не само што создава простор за вистинска џез атмосфера, туку и гради сцена базирана на пријателства и заедничка страст. Настаните се од огромна важност за новите таленти, но и за публиката која повторно се враќа кон софистицираната музика.

Битолското трио пред скопската публика на Амабер Џез Фестивал
Еден од најемотивните моменти на Амабер Џез Фестивал фестивалот беше настапот на битолското трио — Оливер Јосифовски, Сашо Поповски и Александар Насковски — пријатели од детството кои за првпат заедно свиреа џез уште како студенти.
„Ние сме тројцата од Битола. Сонувавме за џез музиката, компониравме теми, уживавме во музицирањето и сретнувањето што се вика џез,“ споделува Јосифовски.

„Публиката е убава. Денес луѓето навистина сакаат и знаат џез музика. Има радио, албуми, издавачки куќи, младите знаат што е музика,“ додава Поповски.
Амабер Џез Фестивалот покажа дека Скопје има џез публика — љубопитна, отворена и гладна за нови искуства. Малите фестивали како Амбер се важни за одгледување на публиката, за споделување на музиката и за создавање нова култура.
Како што рече еден од музичарите: „Музиката е една птица, еден парфем кој што многу лесно патува.“ Амбер Џез Фестивалот е токму тоа — мирис на слобода, звук на пријателство, и доказ дека џезот не само што се враќа, туку и останува.