Амбасада на САД во Косово: Земја без клучни институции не е партнер на кој можете да се потпрете

Вршителот на должноста амбасадор во Амбасадата на САД во Косово, Ана Пратипати, денеска изјави дека земја без клучни институции и со „неизвесен пат до нивно формирање не е партнер на кој САД секогаш можат целосно да се потпрат“.

Во интервју за Газета Експрес, таа рече дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп „бара силни сојузници“ со кои можат да се унапредат заедничките приоритети и дека можностите за зајакнување на економските односи меѓу двете земји „може да бидат пропуштени ако продолжи оваа блокада“.

Пратипати рече дека лидерите на Косово се избрани за да ги решат предизвиците со кои се соочува нивната земја и дека политичката блокада треба да ја решат тие.

„САД можат да обезбедат поддршка, но не можат да донесуваат одлуки наместо лидерите или народот на Косово“, изјави таа.

За да „процвета“ партнерството со САД, Пратипати изјави дека „Косово мора да обезбеди услови“ и презентираше што може да се очекува од администрацијата на американскиот претседател.

На прашањето зошто немало обид за посредување од страна на меѓународната заедница, за да се убедат страните да формираат институции, како што беше случај во минатото. Пратипати рече дека Косово повеќе не е во фаза на градење држава.

Таа рече дека „лидерите на Косово беа избрани за да ги решат предизвиците на нивната земја“ и дека „тоа значи дека тие мора да работат заедно за да најдат компромис“.

„Одговорност на политичките лидери е да ја решат оваа блокада. САД можат да понудат поддршка, но не можат да донесуваат одлуки наместо лидерите или народот на Косово“, рече таа.

Таа оцени дека српските политички партии во Косово ги претставуваат граѓаните на оваа земја.

„Тие се дел од политичкиот пејзаж на Косово и не треба да им се забрани политичко учество“, рече таа.

Според неа, сите партии треба да го поддржат правото на луѓето да ги избираат своите претставници.

„Ова значи спречување на секаков обид за исклучување на српските партии во Косово од изборите. Користењето административни или процедурални трикови за да се спречат квалификувани партии или поединци да се кандидираат би ги оцрнило резултатите (од изборите)“, рече таа.

Запрашана за односите меѓу САД и Косово, таа рече дека потезите што ги зголемуваат тензиите во регионот ја попречуваат работата на САД со Косово.

Таа изјави дека „владата во оставката на премиерот (Аљбин) Курти е одговорна за безбедноста и просперитетот на сите граѓани на Косово“.

„Особено сме загрижени за затворањето на паралелните српски институции, без координација со засегнатите заедници, како и за прогласувањето на еднострани чекори за преместување на образованието и здравствената заштита во косовскиот систем“, рече таа.

„Не го доведуваме во прашање тоа дека овие институции на крајот треба да се интегрираат, но начинот на кој тоа ќе се направи е клучен“, рече Пратипати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни