Технолошкиот гигант Амазон го престигна Волмарт и стана најголемата компанија во светот според приходи од продажба, со што заврши 13-годишната доминација на познатиот трговски синџир. Во 2025 година, Амазон остварил приходи од околу 717 милијарди долари, додека Волмарт достигнал 713 милијарди, објавија странските медиуми.
Иако двете компании се силни конкуренти во малопродажбата, растот на Амазон во голема мера се должи на услугите надвор од класичната трговија, особено на облачното компјутерство, огласувањето и дигиталните претплати. Само од одделот „Амазон веб сервисис“, компанијата минатата година инкасирала речиси 129 милијарди долари.
Најголемиот дел од приходите на Амазон, околу 464 милијарди долари, и понатаму доаѓаат од онлајн и физичка продажба, како и од надворешни продавачи на платформата, додека повеќе од 100 милијарди долари се генерирани од рекламирање и услугата „Прајм“.
Од друга страна, Волмарт и понатаму ја гради својата позиција со раст на продажбата во САД и обиди да се позиционира како технолошка компанија, вклучително и префрлањето на акциите на берзата Насдак. Компанијата соопшти дека продажбата во САД во последниот квартал пораснала за 4,6 проценти, нагласувајќи дека промените во малопродажбата се случуваат со сè поголемо темпо.