Aмазон тестира хуманоидни роботи за достава

Amazon развива софтвер за хуманоидни роботи и гради т.н. „хуманоиден парк“ во САД, каде што ќе се тестираат машини со човечки облик кои би можеле да излегуваат од доставни комбиња и да ги носат нарачките до вратите на купувачите.

Технолошкиот гигант вреден два трилиони долари го реализира проектот во тајност, според информации што ги објави специјализираниот технолошки портал The Information, повикувајќи се на извор кој бил директно вклучен во развојот.

Идејата е роботите, управувани со вештачка интелигенција, да можат да ги заменат доставувачите. Софтверот се развива од страна на Amazon, додека хардверот се набавува од надворешни партнери.

Amazon се надева дека овие роботи ќе можат да се возат во Rivian комбињата што веќе ги користи компанијата и оттаму самостојно да извршуваат достава. Дури и ако зад воланот сè уште седи човек, роботот би можел паралелно да доставува пакет на друга адреса, што значително би го скратило времето на испорака.

Компанијата истовремено работи и на развој на автономни возила преку својата подружница Zoox, што укажува на поширока стратегија за автоматизација на последната милја во испораката.

По тестирањето во специјално изграденото тест-подрачје, роботите ќе бидат испратени на терен за да се испроба нивната ефикасност во реални услови.

Професорот Субраманијан Рамамурти од Универзитетот во Единбург, кој предава роботи и автономни системи, изјави дека Amazon располага со исклучително компетентен тим за роботика и дека нивниот интерес за автоматизација на последниот чекор од испораката не е изненадување.

„Ако роботите се движат низ чисти и стандардизирани приоди до вратите, задачата е релативно едноставна. Но, кога ќе се појават сложени ситуации – како домашни миленици, мали деца или нестандардни архитектонски решенија – тогаш предизвиците стануваат значително поголеми“, истакна професорот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни