Според извештајот на The New York Times, Amazon се насочува кон автоматизација за да избегне вработување на повеќе од пола милион работници во САД. Внатрешни документи и изјави од вработени откриваат дека компанијата планира да замени околу 600.000 работни места со роботи до 2033 година, и покрај проценките за удвојување на продажбата во тој период.
Роботскиот оддел на Amazon работи на автоматизација на 75% од операциите, а до 2027 година планираат да укинат околу 160.000 работни места поврзани со обработка на нарачки и дистрибуција. Ова би им заштедило повеќе од 12 милијарди долари за само две години.
Компанијата се подготвува за потенцијални негативни реакции и планира да користи помеки термини како „напредна технологија“ или „коботи“ наместо „автоматизација“ или „вештачка интелигенција“. Сепак, од Amazon ги негираат овие тврдења и нагласуваат дека продолжуваат со вработувања.
Економисти, меѓу кои и добитникот на Нобелова награда Дарон Ацемоглу, предупредуваат дека ако Amazon го спроведе овој план, тоа ќе има сериозни последици за пазарот на труд, со масовно уништување на работни места.