Amazon планира да отпушти дури 30.000 вработени – најголемо кратење од 2022 година

Технолошкиот гигант Amazon планира да укине дури 30.000 корпоративни работни места, како дел од планот за намалување на трошоците и компензација за прекумерното вработување во текот на пандемијата на ковид-19, пренесува Reuters.

Иако бројката претставува мал процент од вкупно 1,55 милиони вработени, таа опфаќа речиси 10% од 350.000 корпоративни позиции. Ова ќе биде најголемото кратење во Amazon од крајот на 2022 година, кога компанијата отпушти околу 27.000 луѓе.

Портпаролот на Amazon одбил да ги коментира наводите за отпуштањата.

Кои оддели ќе бидат погодени

Според извори на Reuters, кратењата ќе се однесуваат на неколку сектори, вклучувајќи човечки ресурси (People Experience and Technology – PXT), операции, одделот за уреди и услуги и Amazon Web Services (AWS).

Компанијата во изминатите две години постепено го намалуваше бројот на вработени во повеќе оддели – вклучувајќи ги комуникациите, уредите и подкастингот.

Вештачката интелигенција го менува пазарот на труд

Главниот извршен директор Енди Џеси (Andy Jassy) ја води иницијативата за намалување на бирократијата и броја на менаџери. Тој уште во јуни изјави дека зголемената употреба на алатки со вештачка интелигенција ќе доведе до понатамошни намалувања на персоналот, особено со автоматизација на рутинските задачи.

Дополнителен фактор за големината на отпуштањата, според извори, е и неуспехот на програмата за целосно враќање на работа во канцеларија пет дена неделно, која не предизвикала доволно доброволни заминувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни