Амазон ќе плати 180 милиони евра по истрага на италијанските власти

Италијанските власти постигнаа договор со италијанската подружница на „Амазон“, откако компанијата се согласи да уплати околу 180 милиони евра и да го укине системот за следење на доставувачите, со цел да биде затворена истрагата за можни даночни измами и експлоатација на работници, јавуваат извори од истрагата.

Истрагата беше покрената во 2024 година, кога финансиската полиција привремено заплени 121 милион евра од сметките на „Амазон Италија“, по сомнежи дека компанијата преку незаконско префрлање на доставните услуги на подизведувачи избегнувала плаќање ДДВ, пензиски и здравствени придонеси и ги намалувала трошоците на работниците под пропишаните стандарди.

Милaнското обвинителство покрена повеќе од десет слични истраги против големи логистички и трговски компании, меѓу кои DHL, GLS, Uber, Lidl, BRT, Geodis, Esselunga, Securitalia, UPS, GS, Carrefour и GXO. Само минатата година беа запленети 84 милиони евра од GXO, според податоци на агенцијата АНСА.

Според судски документ до кој дојде „Ројтерс“, вкупниот износ што компаниите го уплатиле за да ги затворат истрагите во последните две години надминува една милијарда евра. Во образложението за заплената на средствата на „Амазон“ стоеше дека компанијата користела „комплексен механизам за даночна измама“ преку фиктивни фактури и договори со подизведувачи кои правно не постоеле, што предизвикало значителни загуби за државниот буџет и континуирано потценување на работничките права.

По постигнувањето на спогодбата, „Амазон“ соопшти дека ги објаснил своите позиции пред надлежните институции и дека тие го признале „високиот стандард на соработка со партнерите за достава“ во нивниот модел на работење.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни