Според договорот објавен од Федералната комисија за трговија (FTC), 1,5 милијарди долари ќе бидат исплатени директно на корисниците кои биле измамени. Ова е најголемата трговска казна што FTC некогаш ја изрекол.
Како Amazon ги измамувал корисниците
Услугата Prime нуди бесплатна достава, стриминг на филмови и други погодности. Таа чини 139 долари годишно или 14,99 долари месечно во САД, и 95 фунти годишно во Велика Британија.
FTC наведува дека Amazon користел агресивни скокачки прозорци при купување за да ги поттикне корисниците да се пријават за Prime, често без јасно објаснување на условите или можност за одбивање. Проблематични биле и пробните бесплатни членства од еден месец, бидејќи корисниците не биле информирани дека по завршувањето автоматски ќе им се наплати годишната претплата.
„Софистицирани замки за претплата“
„Доказите покажуваат дека Amazon користел софистицирани замки за претплата за да ги манипулира потрошувачите да се пријават, а потоа им било исклучително тешко да го прекинат членството“, изјави претседателот на FTC, Ендру Фергусон. „Враќаме милијарди долари на американските потрошувачи и обезбедуваме дека Amazon тоа повеќе нема да го повтори.“
Се проценува дека околу 35 милиони Американци погодени од овие практики помеѓу јуни 2019 и јуни 2025 би можеле да добијат поврат, со износи до 51 долар по лице.
Amazon се согласи автоматски да им ги врати парите на корисниците кои ја користеле Prime помалку од три пати во текот на една година од пријавата, додека оние кои ја користеле помалку од десет пати ќе можат да поднесат барање за поврат.
Како дел од договорот, Amazon повеќе нема да смее да користи копчиња со пораки како „Не, не сакам бесплатна достава“, и ќе мора да воведе едноставна опција за откажување на Prime.
Извор: Index.hr