Севернокорејски државјани се обидувале да аплицираат за ИТ-позиции со работа на далечина, користејќи украдени или лажни идентитети, навел главниот директор за безбедност на Amazon, Стивен Шмит, во објава на LinkedIn.
„Нивната цел најчесто е едноставна: да се вработат, да примаат плата и потоа заработката да ја пренасочуваат за финансирање на програмите за вооружување на режимот“, изјави Шмит, додавајќи дека ваквата практика веројатно се одвива во голем обем низ целата индустрија, особено во САД.
Американските и јужнокорејските власти и претходно предупредуваа дека оперативци од Пјонгјанг спроведуваат онлајн измами. Според Шмит, Amazon во изминатата година забележал речиси една третина повеќе пријави за работа поврзани со севернокорејски државјани.
Тој објасни дека овие оперативци најчесто соработуваат со лица кои управуваат со таканаречени „фарми на лаптопи“ компјутери кои физички се наоѓаат во САД, но со нив се управува од странство. За проверка на пријавите, компанијата користела комбинација од алатки засновани на вештачка интелигенција и рачни проверки од страна на вработени.
Според него, методите на ваквите измамници станале значително пософистицирани. Злонамерните актери преземаат неактивни профили на LinkedIn користејќи протечени податоци за пристап, со цел да добијат верификација, а потоа се претставуваат како реални софтверски инженери за да изгледаат поверодостојно. Шмит ги повика компаниите сомнителните пријави за работа да ги пријавуваат кај надлежните институции.
Тој предупреди и на знаци што можат да укажуваат на лажни пријави поврзани со Северна Кореја, како што се неправилно форматирани телефонски броеви и несоодветни или несогласни податоци за образованието.
Во јуни, американската влада соопшти дека открила 29 „фарми на лаптопи“ што севернокорејски ИТ-работници незаконски ги воделе низ територијата на САД.
Според Министерството за правда на САД, во овие случаи биле користени украдени или фалсификувани идентитети на американски државјани за да им се овозможи на севернокорејски државјани нелегално да се вработат во САД. Министерството обвини и американски посредници кои помагале во обезбедување на овие работни места.
Во јули, жена од Arizona беше осудена на повеќе од осум години затвор поради водење „фарма на лаптопи“ која им помагала на севернокорејски ИТ-работници да добијат работа на далечина во повеќе од 300 американски компании.
Американското Министерство за правда соопшти дека преку оваа шема биле остварени повеќе од 17 милиони долари нелегална добивка, дел за неа, а дел за Пјонгјанг.
Извор:Index.hr