Одлуката доаѓа во момент кога притисокот врз OpenAI расте по успешното лансирање на новиот Гугл модел на вештачка интелигенција Gemini 3, кој постигна подобри резултати во низа тестови.
Според протечените информации, Алтман им соопштил на вработените дека прогласува „состојба на тревога“ со цел забрзано да се подобри секојдневното корисничко искуство во ЧетЏиПиТи. Фокусот ќе биде на подобра персонализација, побрзи и посигурни одговори и проширени способности за одговарање на комплексни прашања.
Се одложуваат други проекти, вклучително и реклами
Алтман најавил дека неколку планирани иницијативи ќе бидат ставени во мирување, меѓу кои интеграцијата на реклами, алатките за купување базирани на ВИ, како и личниот асистент ChatGPT Pulse. Иако OpenAI официјално не ја коментираше одлуката, директорот на ChatGPT, Ник Турли, на платформата X објави дека приоритет останува „ЧетЏиПиТи да стане уште посилен, поинтуитивен и подостапен на глобално ниво“.
Турли тврдеше и дека ЧетЏиПиТи денес генерира „околу 10% од активностите на интернет-пребарувањето“, но не прецизираше дали се мисли на глобалниот интернет сообраќај или на друг показател.
Во јавноста се појавија и информации дека OpenAI веќе тестира различни формати на реклами, иако Altman во октомври изјави дека „во овој момент нема планови“ за нивна интеграција. Сепак, никогаш целосно не ја исклучи таа можност.
Gemini 3 предизвика бурни реакции во технолошката заедница
Гугл неодамна го претстави Gemini 3, модел што според повеќе независни тестирања го надминува OpenAI во креативно пишување, комплексни задачи и во новиот генератор на слики Nano Banana Pro. Многу технолошки лидери јавно го пофалија моделот. Првиот човек на Salesforce, Марк Бејнов, напиша дека по час-два тестирање „не се враќа назад“ на ЧетЏиПиТи. Дури и самиот Алтман им честиташе на Гугл, наведувајќи дека Gemini 3 „изгледа како одличен модел“.
Конкуренцијата меѓу водечките компании во ВИ очигледно влегува во нова, поинтензивна фаза, а интерниот аларм на Алтман покажува дека OpenAI се подготвува агресивно да одговори на технолошкиот предизвик што го поставува Гугл.
Извор: Forbes N1info
