„АЛО, АЛО“ на Синиша Евтимов, нова претстава во Театар Комедија

“Ало, Ало!“ е името на најновата комедија на водечкиот македонски театарски
режисер од овој жанр, извонредниот Синиша Евтимов. Работена според мега
популарната ТВ серија која повозрасните гледачи ја паметат од ноќните програми
во осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век, “Ало, Ало!“ е
адаптирана за театар, но и за потребите на денешната публика од самиот
Евтимов. Додека оригиналното АЛО се одвива во окупирана Франција за време на
Втората светска војна, нашето, сосем нормално се одвива во најпопуларната
кафана во окупирано Скопје во истиот воен период. Сепак режијата, дејството ни
го сервира во друга, сосем непредвидлива и “откачена“ димензија,
карактеристична за уникатниот наративен театарски наратив, карактеристичен за
претставите на овој наш современ режисер.


Претставите на Синиша Евтимов се далеку најпопуларните комедии во
последниве две децении кај нас и се карактеризираат со урнебесен и
интелигентен хумор, кој до солзи ја насмева публиката од секаква провиниенција.
Токму оттаму и неверојатната популарност кај публиката, која буквално се тепа за
карта повеќе. Освен преполните театарски сали, за успехот на неговата работа
говорат и голем број награди, како на пример четири, пет, или се веќе шест Златни
Буба Мари за најдобра театарска претстава во изминативе години со ред.
Стјуардеси, Вардарски Пастуви, Клетвата на Скотје, Мој Термин, Илуминати… се
само некои од насловите на комедиите од Синиша Евтимов, кои до солзи нѐ
изнасмејаа во изминативе години. Нема двојба дека и “Ало, Ало!“ ќе успее во
истото, а гаранција за тоа е извонредната млада актерска екипа од Театарот
Комедија, која веројатно е најквалитетна и најконзистентна екипа која е на
располагање на било кој од македонските театри.


Премиерата на “Ало, Ало!“ е предвидена за овој петок, 20 октомври во Театар
Комедија, со почеток во 20 часот, а билетите се одамна распродадени, како и за
следните неколку изведби. Но, нека не ве обесхрабри големата гужва на билетарата,
ниту оваа помпезна најава. Како и секој цивилизиран човек, ваша задача е да се
грижите за себе, што подразбира добро да се изнасмеете од време на време.
Затоа, најтопла препорака за “Ало, Ало!“ и веселата дружина од Театар Комедија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни