Кога ќе слушнеш „alien tech“, одма ти текнува на клингонски вселенски брод што слетува кај Мавровка со cloaking device на максимум. Па така, кога научниците јавија дека низ нашиот Сончев систем проаѓа објект со име 3I/ATLAS, интернетот се запали: „Еве ги, дојдоа!“ Наместо да фантазираме за Star Trek сценарио, науката нè враќа на земја – и објаснува дека приказната е поинаква, но далеку поинтересна.
3I/ATLAS е трет потврден објект што дошол однадвор од нашиот Сончев систем. Откриен е од телескопот ATLAS во Чиле и веднаш привлече внимание бидејќи неговата орбита е хиперболична. Тоа значи дека не е гравитациски врзан за Сонцето: ќе мине, ќе нè поздрави од далеку и ќе си замине назад во меѓуѕвездениот простор.
Причината зошто се појавија повторно шпекулации за „alien tech“ е наследството на првиот ваков објект, ʻOumuamua, кој во 2017 година ги збунуваше астрономите со чудното однесување: изгледаше како камен без опашка, а сепак покажуваше мало забрзување. Тогаш некои истражувачи шпекулираа дека можеби е „светлосно едро“ создадено од интелигентна цивилизација. Иако таа идеја беше на маргините на науката, доби огромен медиумски публицитет и оттогаш секој нов меѓуѕвезден објект автоматски се гледа низ таа призма.
Но фактите за 3I/ATLAS се далеку појасни. Објектот има изразена кома – облак од гас и прашина што се создава кога мразот на јадрото се загрева од Сонцето. Испушта јаглерод диоксид и малку вода, сосема типично за комети. Видлива е и опашка која се протега спротивно од Сонцето, а проценките велат дека јадрото е максимум неколку километри во дијаметар – далеку од каков било „брод“.
И токму тука лежи вистинската фасцинација: 3I/ATLAS е ледена топка стара милијарди години, парче материјал кое некогаш било дел од друг планетарен систем. Наместо фантазии за клингонски инженеринг, пред нас имаме примерок од космичка археологија – доказ за тоа како изгледале други ѕвездени системи во моментите кога се создавале нивните планети и комети.
Овој меѓуѕвезден патник нема да ни донесе контакт со вонземјанска цивилизација, но носи нешто што е подеднакво епско: директен увид во историјата на Млечниот Пат. И тоа е вистинската научна магија – ништо помалку возбудливо од science fiction.