Кинескиот технолошки гигант Alibaba го намалил бројот на вработени за околу 34% во текот на 2025 година, како дел од поширока стратегија за реструктуирање и фокус на вештачката интелигенција.
Компанијата ја завршила годината со 128.197 вработени, во споредба со 194.320 една година претходно.
Овие податоци беа објавени во најновиот финансиски извештај, кој исто така покажува дека добивката на Alibaba паднала за 67%, додека приходите во последниот квартал од 2025 година биле под очекувањата. Акциите на компанијата на берзата во Hong Kong во петокот забележаа пад од околу 6%.
Продажба на бизниси и реструктуирање
Најголемиот дел од намалувањето на работната сила се случил во периодот до март 2025 година, по продажбата на малопродажната група Sun Art Retail Group кон крајот на 2024 година. Во истиот период, Alibaba го продала и својот удел во синџирот на стоковни куќи Intime Retail.
Компанијата, која е меѓу најголемите технолошки играчи во Кина, со седиште во Hangzhou, следи глобален тренд на намалување на бројот на вработени во технолошкиот сектор — од Silicon Valley до Азија.
Претходно, Alibaba веќе бележеше пад на бројот на вработени од 11% во 2024 година, но најновото намалување е значително подрастично.
Фокус на вештачка интелигенција
Компанијата ги намалува работно-интензивните сегменти и се насочува кон развој на целосен екосистем за вештачка интелигенција.
Целта е да се изгради интегрирана AI платформа што ќе вклучува производство на полупроводници, cloud инфраструктура и напредни AI модели. Во таа насока, Alibaba оваа недела ја лансираше новата AI услуга „Wukong“ наменета за деловни корисници, додека истовремено ги зголеми цените на cloud и storage услугите за околу 34%, поради зголемена побарувачка и раст на трошоците.
Извршниот директор Eddie Wu изјави дека компанијата има амбиција во наредните пет години да ги зголеми приходите од cloud и AI сегментот на повеќе од 100 милијарди долари годишно.
Овие потези укажуваат на длабока трансформација на Alibaba, која се обидува да се позиционира како лидер во новата ера на вештачката интелигенција.