Во најновото продолжение на радио серијалот „Ако никој не свири“, вечерва во 22 часот, во глувата соба на Канал 103 ќе настапат „Алембик“.
„Алембик“ се Виктор Танасковски (електрична и акустична гитара, бас, мандола, вокал и малку кларинет) и Ива Дамјановски (клавијатури, вокал, теремин). Нивната музика е обид за спој и реобмислување на различни музички жанрови, користејќи експериментални и атипични начини на произведување звук преку алхемиска игра со музичките елементи.

Нивниот прв, истоимен албум е издаден во 2022 и е посветен на конфликтот, но и возможната симбиоза на природата и технологијата; претставува музика која се обидува преку самиот процес на нејзиното создавање да го отелотвори овој концепт.
Зад себе имаат голем број самостојни концерти, перформанси и фестивалски настапи. Минатата недела свиреа на Tallinn Music Week во Естонија. Моментално работат на втор студиски албум во проширен состав. …
Радио серијалот „Ако никој не свири“ е дел од програмата на Канал 103 од 2005 година. Во неговите рамки досега се продуцирани повеќе од 200 концерти на домашни и странски бендови и артисти. Овој јавен музички сервис и радио дом на културата делува според принципите на самоорганизација и солидарност.
Онлajн стрим: http://radiostream.neotel.mk/kanal103