„Алембик“, Христина Зафировска и Борис Петковски, гости на првото издание на „Комшилоок“

Во сабота на 1 јуни од 18 часот, во населбата Железара, во склоп на првото издание на фестивалот „Комшилоок“, настап ќе имаат „Алембик“ дуо кое го сочинуваат Виктор Танасковски (гитара, вокал) и Ива Дамјановски (теремин, клавијатура, вокал). Овој состав истражува разновидни музички пејзажи со спојување и повторно измислување музички жанрови преку експериментална продукција.

Освен „Алембик“, изложба ќе има и Христина Зафировска. Нејзините дела насловени како „Мainstream“ претставуваат серија на акрили на медијапан кои навлегува во психолошките состојби на модерниот урбан живот, доловувајќи емоции како грч, болка, среќа, гордост и суета. Овие дела ги истражуваат и односите кои произлегуваат од конфликтите и интеракциите во општеството. 

Уметничката практика на Христина опфаќа различни медиуми, вклучувајќи сликарство, графички дизајн, ѕидно сликарство, инсталација, сценографија, цртеж, фотографија и видео.

Дел од фестивалот се и скулптурите на Борис Петковски.

„Делата од серијата „Симулација на освојување јавен простор“ од Борис Петровски e единствена просторна интервенција која го предизвикува агресивното преземање на јавните простори, славејќи ја „естетиката на исчезнувањето“. Номадската скулптура на Борис има за цел да ги ослободи просторите, поттикнувајќи ја имагинацијата и трансформацијата„, стои во најавата од организаторот.

Во својата работа, Борис се фокусира на скулптури исполнети со воздух и перформанс инсталации, прикажани во различни поставки – од традиционални галерии до неочекувани јавни простори. Неговите дела предизвикуваат, инспирираат и критикуваат.  

На фестивалот ќе настапат и студентите од програмата за модерни танци на Универзитетот Гоце Делчев под водство на реномираната Рисима Рисимкин, кои ќе ги трансформираат балконите и просторите во железарскиот комшилук во динамични сцена, здружувајќи ја уметноста и заедницата.

„Комшилоок“ е мултимедијален уметнички проект кој има за цел да ја децентрализира културата во Скопје, правејќи подвизи да ги анимира урбаните решенија низ градот, воедно негувајќи го чувството на заедништво.

Во склоп на фестивалот ќе биде прикажано и делото „Панталони“, Крсто Глигорјадис, кое е едно моќно истражување на улогата на човекот во современото општество. Неговата изведба навлегува во нашите одговорности и права во заедницата, предизвикувајќи нè повторно да размислиме каква личност се стремиме да бидеме. Уметникот се занимава и со просторот и со публиката, истакнувајќи ги колективните напори потребни за решавање на денешните неодложни прашања.

Дел од фестивалот ќе биде и Камерениот оркестар Fames Project – Orchestral Music Recording, со нивната безвременска, класична музика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни