Алексис Ципрас повторно во фокусот: дали поранешниот грчки премиер се подготвува за политичко враќање?

Името на поранешниот премиер Алексис Ципрас повторно силно одекнува во политичките кругови во Грција.

По повеќемесечен молк и распарчена левица, сè повеќе се создава впечаток дека тој подготвува големо враќање на политичката сцена.

Иако неговите соработници неофицијално ги отфрлаат шпекулациите за формирање нова партија, тие најавуваат објавување книга до крајот на годината и негово учество на Меѓународниот саем во Солун на почетокот од септември. Изјавата на Ципрас дека му недостига „активна политика и директен контакт со граѓаните“ дополнително ги разгори шпекулациите за неговите идни чекори.

Ципрас ја предводеше Грција во турбулентниот период 2015–2019, кога земјата беше на работ на економски колапс. И покрај референдумот во 2015 година, кој со 61% гласови ја одби политиката на штедење, неговата влада прифати трет спасувачки пакет од 86 милијарди евра, што ја стабилизираше економијата, но ја наруши неговата популарност. Подоцна, во Брисел го сметаа за реформатор, но тешките мерки доведоа до изборен пораз во 2019 година. По новите неуспеси, Ципрас се повлече од лидерската позиција на Сириза во јуни 2023 година.

Од тогаш, левицата во Грција е фрагментирана, а Сириза падна на околу 5% поддршка, без лидер кој би можел сериозно да ѝ се спротивстави на владејачката Нова демократија на премиерот Киријакос Мицотакис. Во вакви услови, локалните медиуми сè погласно најавуваат дека враќањето на Ципрас е само прашање на време, можеби преку нов политички проект.

Неговите шанси ги засилуваат неколку фактори: опаѓачката поддршка на владата, можноста за создавање нова конзервативна опција од поранешниот премиер Антонис Самарас, како и внатрешно-политичките тензии и надворешнополитичките предизвици – од споровите со Турција и договорите со Либија, до дипломатските несогласувања со Египет. Дополнителен притисок создаваат и истрагите за злоупотреба на европски фондови и трагичната железничка несреќа во која загинаа 57 лица.

Сепак, патот назад кон врвот за Ципрас нема да биде лесен. Дел од јавноста и медиумите остануваат критични кон неговото минато владеење, а владејачката партија би можела да го искористи неговото враќање за повторно активирање на „анти-Ципрас“ реториката. Клучно прашање ќе биде дали овој пат може да понуди поинаква визија и тим што ќе покаже политичка зрелост.

Доколку на претстојниот саем во Солун презентира убедлив план за иднината на Грција, враќањето на Алексис Ципрас би можело да означи нова етапа во грчката политика – можеби и обид за реобединување на левицата и градење поширок прогресивен фронт во земјата и Европа.

Извор: Racin

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни