Александра Кардалевска е млада режисерка чиј краткометражниот филм „Сценариото“ ги освојува светските фестивали. Филмот ја имаше својата премиера во 2023 на Московскиот филмски фестивал и оттогаш продолжи да го привлекува вниманието со учества на значајни настани, како FilmQuest – еден од водечките жанровски фестивали во САД, како и фестивалите за фантастични филмови во Билбао, Манчестер, Сао Паоло и многу други. Досега филмот е награден со околу петнаесет награди.
Со Александра разговаравме за филмот, за нејзината инспирација, но и за жените во македонската кинематорафија. „Македонската традиција, фолклор, митови и легенди се неисцрпен извор на теми и визуелни идеи. Истовремено, колективните трауми, потрагата по идентитет, личните искуства, како љубовта и загубата или чувството на припадност и изолираност, родовите или етничките разлики, влијаат врз темите што ги истражувам“ вели таа. Од друга страна пак според неа, се поголемото присуство пак на жените зад камерата носи подлабока разновидност во приказните кои ги гледаме на екранот.
Tрн: За почеток, кажи ни нешто за краткометражниот филм „Сценариото,“ кој е актуелен и забележан на филмските фестивали надвор?
Александра: „Сценариото“ја имаше својата премиера во 2023 на Московскиот филмски фестивал, кој важи за еден од најстарите фестивали во светот, веднаш по Венеција. Оттогаш, филмот продолжи да го привлекува вниманието со учества на значајни настани, како FilmQuest – еден од водечките жанровски фестивали во САД, како и фестивалите за фантастични филмови во Билбао, Манчестер, Сао Паоло и многу други. Особено ми е драго што „Сценариото“ успеа да допре до публиката и критиката, добивајќи одлични оценки и признанија. Досега филмот е награден со околу петнаесет награди, што е голема чест и потврда за целиот тим кој стои зад него.
Tрн: Каква приказна раскажува филмот?
Александра: Филмот раскажува фантастична приказна во која познати ликови од литературата како Шерлок Холмс, Дракула, Хамлет или Ана Каренина „оживуваат“ во сценариото на филмот што го гледаме. Откако ќе станат свесни за своето наративно постоење, тие се обидуваат да излезат од фиктивноста и да станат вистински луѓе, што создава и драматични и апсурдно комични ситуации. Во суштина, филмот е рефлексија на егзистенцијалните дилеми со кои се соочуваат ликовите: како да се ослободат од улогите што им се зададени. Филмот функционира како алегорија за нашиот живот, каде што секој од нас се обидува да излезе од „сценариото“ што најчесто некој друг го напишал за нас.
Tрн: Што сметаш дека е неопходно за креирање на моќна приказна на екран и филм?
За мене, моќната приказна во филмот е комплекен спој на повеќе работи: уникатна идеја, впечатливи ликови, ефикасен наративен тек и својствен визуелен јазик. Од една страна, идејата треба да е автентична и искрена, да допира универзални теми, но истовремено да биде изразена низ лична перспектива. Од друга страна, добро обликуваните и сложени, карактери се клучни. Гледачот треба да може да се препознае или да сочувствува со ликовите и нивните искуства. Но, моќната приказна на екранот не завршува таму – визуелната естетика, изборот на кадри, монтажата и звукот играат важна улога во создавање на амбиентот – тие ја даваат магијата што ја трансформира приказната од зборови на хартија во незаборавно филмско искуство. И најважно, секоја приказна треба да има „душа“ – нешто што ќе остави емоционална трага и ќе поттикне размислување кај публиката.
Tрн: Во изминатиот период во македонската кинематографија се појавува бран на жени кои носат нова димензија и перспектива на македонскиот филм. Со кои предизвици си се соочувала лично ти во филмската индустрија?
Александра: Искрено се радувам на овој „бран“ жени кои внесуваат свежа енергија и оригинални идеи во македонската кинематографија. Глобално, но и кај нас, жените се соочуваа со предизвици во индустрија која долго време беше доминирана од мажи. Сепак, успесите на македонските режисерки докажаа дека нашиот глас, перспективи и приказни заслужуваат свое место на филмското платно. Затоа е клучно локалните и интернационалните мрежи да продолжат да го поддржуваат и охрабруваат овој позитивен бран.
Лично, најголемиот предизвик за мене беше да добијам доволно простор и ресурси за реализација на моите идеи. Во индустрија со ограничени финансии, секој проект бара дополнителна борба за поддршка и видливост, особено за жените режисери. Потребен беше дополнителен труд за да се докаже визијата и квалитетот на мојата работа. Сепак, промените се видливи, и горда сум што сум дел од генерацијата која отвора пат за нови жени автори во македонскиот филм.
Tрн: Како мислиш дека еволуирала индустријата во поглед на претставеноста на жените зад камерата?
Александра: Во последните години гледаме позитивни промени – сè повеќе жени добиваат можности како режисери, сценаристи, и продуценти. Но, има уште многу работа. Важно е да се промени перцепцијата дека жените можат да раскажуваат само одреден тип приказни или дека можат да работат само на одредени позиции во филмската хиерархија. Во секој случај, присуството на жените зад камерата носи подлабока разновидност во приказните кои ги гледаме на екранот.
Tрн: Кои филмски творци или уметници имале најголемо влијание на твоето работење?
Навистина ми е тешко да издвојам само неколку имиња од огромното богатство на генијални автори кои оставиле трага врз мене. За време на моите докторски студии во областа на филмот и телевизијата, имав можност да навлезам многу подлабоко во творештвото на врвните филмски автори. Нивните дела беа инспирација не само за анализа туку и за размислување за тоа како одредени концепти и пристапи може да се применат или да се надминат. Зависно од идејата за некој нов проект, често се враќам на филмови и режисери чие творештво најмногу резонира со конкретната замисла. Тогаш размислувам како нивните визии можат да се продлабочат и надградат во мојот контекст, отворајќи простор за сопствена интерпретација и нови начини на раскажување.
Tрн: Дали постојат специфични културни или лични искуства од кои црпиш инспирација во твоето филмско творештво?
Александра: Апсолутно. Богатството на македонската традиција, фолклор, митови и легенди се неисцрпен извор на теми и визуелни идеи. Истовремено, колективните трауми, потрагата по идентитет, личните искуства, како љубовта и загубата или чувството на припадност и изолираност, родовите или етничките разлики, влијаат врз темите што ги истражувам.
Tрн: Како приоѓаш кон балансирањето на комерцијалниот успех и уметничкиот интегритет?
Александра: Сметам дека уметничкиот интегритет секогаш треба да биде во прв план. Секако, важно е да се најде начин приказната да биде достапна и привлечна за пошироката публика, но тоа не смее да биде на сметка на оригиналната визија. Верувам дека добар филм може да биде и комерцијално успешен и уметнички автентичен.