Албанската полиција уапси две лица осомничени за тероризам по 12-часовна операција во Мердита

Специјалците „Ренеа“ и „Шќипоња“ открија оружје, муниција и знамиња на ИСИС во напуштена куќа во селото Орош.

Албанската полиција по повеќечасовна специјална операција уапси две лица осомничени за извршување терористички акти, при што во објектот каде што се криеле беше пронајдено оружје, муниција и знамиња на терористичката организација ИСИС. Акцијата, со назив „Орош“, била спроведена во селото Орош кај Мердита, а во неа учествувале полициски сили од Пук, специјалната единица „Ренеа“ и единицата за брзи интервенции „Шќипоња“.

Според информациите на Топ Чанел, кои се повикуваат на официјално полициско соопштение, операцијата траела 12 часа, во кои осомничените одбиле да се предадат, отворале оган и упатувале вербални закани. Од опколениот објект се слушале извици, а во неколку наврати лицата пукале кон службениците.

По повеќечасовно опколување и преговори со роднините, двајцата мажи – Јулиан Чумраку и Арбен Ука – се предале. Чумраку, за кого постои сомневање дека е поврзан со терористички групи, заедно со Ука, кој претходно бил таргет на антитерористичките служби, се криеле во напуштена куќа во Орош околу еден месец. За време на интервенцијата, Ука бил повреден и пренесен во болницата во Скадар, но е надвор од животна опасност.

При претресот, полицијата запленила автоматски пушки, пиштоли, рачни гранати, значајни количества муниција, капачиња од електрични детонатори, фитили за активирање експлозиви, како и две патрони. Меѓу доказите биле пронајдени и знамиња на Исламска држава, што дополнително ја потврдува сумничената поврзаност на уапсените со терористички структури.

Албанската полиција најави продолжување на истрагата во насока на утврдување дали овие лица биле дел од поширока мрежа и дали подготвувале конкретни терористички активности.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни