Имено, Ана од Италија за порталот Expat.com го сподели своето искуство од животот во Албанија. Таа тврди дека живеењето во таа земја има многу предности во однос на претходниот живот во Италија. За време на краткиот одмор во Драч во ноември 2021 година, таа, нејзиниот сопруг и синот биле воодушевени од албанскиот град. Помалите животни трошоци и подобар квалитет на живот во споредба со Италија биле клучните причини за преселба.
Откако добро размислиле, се одлучиле на овој радикален чекор, ги истражувале работните места во Албанија и решиле да се преселат на крајот на декември. Тие одлучиле да го сторат тоа поради економските можности што ги донесе пандемијата на коронавирусот. Ана работела во администрација во Италија до 2015 година, но останала без работа, а потоа имала привремени вработувања, вклучително и работа во дом за стари лица. Таа не можела да најде ништо со полно работно време.
Охрабрени од ситуацијата, таа и нејзиниот сопруг, кој е ИТ претприемач, размислувале да се преселат во Албанија, која има пониски трошоци за живот. Покрај благата клима, Драч ги привлекувал и со својата природна убавина и поволната локација покрај морето. Откако се преселиле, Ана нашла работа за една недела. Разговарала со познаник и добила понуда за административна работа во албанска компанија која работи со Италија, што ѝ го олеснило започнувањето благодарение на познавањето на јазикот и претходното искуство.
Таа посочува и дека трошоците за живот се многу помали – на пример, киријата за стан од 100 квадрати е од 200 до 350 евра, додека во Италија би била најмалку 700 евра. Трошоците за струја и вода во Драч се движат од 80 до 100 евра месечно, а свежата храна е поевтина и повкусна. Ана работи од 8 до 16:30 часот, со пауза за ручек. По враќањето дома има време за себе и за семејството.
„Уживаме да шетаме низ градот и плажата, а во лето истражуваме и други делови од Албанија“, вели таа.
Иако во друштвото користи италијански, решила да научи албански. Признава дека не очекувала животот да ѝ оди во овој правец, ѝ недостигаат блиските пријатели од Италија, но не жали за ништо.
„Драч е одлично место за пензионерите – дури и со помал приход можете да уживате во квалитетен живот“, вели таа.
Таа, сепак, додава дека платите генерално не се високи, но оние кои започнуваат сопствен бизнис или работат за меѓународни клиенти можат добро да заработат.