Владата на Албанија ја забрани кинеската социјална мрежа TikTok на една година, јавува Анадолу. Одлуката ќе стапи на сила за неколку дена, а може да трае додека платформата не воведе безбедносни стандарди за малолетни корисници.
Албанската министерка за национално образование и спорт, Огера Манастирлиу, соопшти дека на денешната седница на Владата е прифатена одлуката за привремена забрана на TikTok.
Манастирлиу изјави дека одлуката е донесена по разговорите со 65.000 родители во земјата.
Министерството соопшти дека одлуката ќе стапи на сила за неколку дена и дека може да продолжи додека платформата не воведе безбедносни и старосни стандарди за малолетни корисници.
За оваа мерка во Албанија се разговараше од ноември минатата година, кога ученик од основно училиште со нож го уби 14-годишниот Мартин Канји во Тирана. Момчињата биле скарани преку TikTok.
Албанскиот премиер Еди Рама најави по тој инцидент дека едногодишната забрана на TikTok во земјата ќе биде воведена во 2025 година.