Албанија прави сериозен дипломатски и стратешки исчекор кон позиционирање како водечка земја во развојот на Коридорот 8 – еден од најзначајните инфраструктурни проекти во Југоисточна Европа, со растечки економски и безбедносни импликации.
На 18 февруари, Тирана ќе биде домаќин на министерски состанок посветен на Коридорот 8, на кој ќе учествуваат делегации од Албанија, Северна Македонија, Бугарија, Италија и Романија, како и претставници на партнерски земји и европски институции.
Целта, според албанското Министерство за Европа и надворешни работи, е зајакнување на меѓувладината соработка и забрзување на развојот на коридорот како главна рута за транспорт, трговија и безбедност, но и продлабочување на регионалната интеграција и поврзаноста со европските мрежи.
„Стратешка раскрсница на Европа“
Пленарната сесија ќе се одржи под мотото:
„Коридор 8 на стратешката раскрсница на Европа: Поврзаност, отпорност и споделен просперитет“, со акцент на економскиот раст, стабилноста и безбедноста во регионот.
Се очекува делегациите да потпишат заедничка декларација, а во програмата се предвидени билатерални средби и заедничка прес-конференција.
Паралелно, во Банката на Албанија ќе се одржи Економски форум под наслов:
„Од стратешка поврзаност до регионален раст: Економскиот потенцијал на Коридорот VIII“, каде ќе се разговара за инвестиции, олеснување на трговијата и користење на европски и меѓународни финансиски инструменти.
Коридор 8 како безбедносен проект на НАТО
Дополнителна тежина на иницијативата ѝ даде албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу, кој најави дека Коридорот 8 – од поморскиот комплекс Драч–Порто Романо до Црното Море – ќе биде официјално признат како безбедносен коридор во рамките на колективната одбрана на НАТО.
Со тоа, Албанија се позиционира во центарот на стратешката инфраструктура на Алијансата, што значително ја зголемува геополитичката важност на проектот.
Форумот на 18 февруари ќе ги обедини владините претставници, европските институции, финансиските организации и бизнис-заедницата со цел Коридорот 8 да стане двигател на инвестиции, економска интеграција и клучен елемент на безбедносната архитектура во Југоисточна Европа.
Коридорот 8, кој ги поврзува Јадранското и Црното Море, сè повеќе се профилира не само како транспортна рута, туку како стратешка оска на новата регионална и евроатлантска поврзаност.