Според Европската комисија, 40 банки од овие држави се приклучиле кон системот, што ќе им овозможи на граѓаните и компаниите да заштедат и до 500 милиони евра преку намалени трошоци за трансакции.
Конкретен чекор кон финансиска интеграција со ЕУ
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во своето обраќање на Инвестицискиот форум ЕУ–Западен Балкан во Тирана го истакна членството на Албанија во SEPA како „вистински пример за интеграција со ЕУ“.
„Пред само неколку дена, трансфер на пари од Брисел до Тирана траеше 3-4 дена и чинеше 80 евра. Денес, истиот трансфер се извршува за неколку минути и без трошоци,“ рече фон дер Лајен.
Комесарката за проширување Марта Кош го оцени приклучувањето на четирите држави како „опиплив резултат“ на долгогодишните напори за приближување кон Унијата, нагласувајќи дека ЕК ќе продолжи да работи на целосна оперативност на SEPA во сите земји кандидати.
„Историски момент“ за регионот
Во Молдавија, претседателката Маја Санду и гувернерката на Народната банка Анка Драгу ја поздравија одлуката како „историски чекор кон европската интеграција“, бидејќи трансферите со ЕУ сега ќе бидат „поевтини и побрзи“.
Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, истакна дека членството во SEPA, заедно со новите авионски линии и укинувањето на ромингот, претставува конкретен напредок на земјата кон членството во ЕУ.
„Веќе во 2026 година граѓаните ќе почувствуваат вистински придобивки од ЕУ, дури и пред формалното членство,“ изјави тој.
Гувернерката на Централната банка на Црна Гора, Ирена Радовиќ, додаде дека ова не е само прашање на поевтини трансфери, туку и на „вклучување во самото ткиво на европската економија“.
Македонија со силен потенцијал за раст
Министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска изјави дека приклучувањето кон SEPA има особено значење за македонската економија, која се одликува со голем број прекугранични плаќања.
„Потенцијалот за заштеда, подобрување на ликвидноста и зголемување на конкурентноста на компаниите е значителен,“ рече таа.
Финансиска поддршка од ЕУ за Западен Балкан
Европската комисија исто така најави нов пакет финансиска помош за регионот, како дел од Планот за раст 2024–2027.
- Албанија ќе добие 99,3 милиони евра,
- Црна Гора 18,3 милиони,
- а Северна Македонија 25 милиони евра.
Овие средства се признание за „значајните реформи“ што ги спровеле партнерите на Западен Балкан за приближување кон европските стандарди.
Што е SEPA?
SEPA — Single Euro Payments Area — претставува зона во која граѓаните и компаниите можат да вршат и примаат плаќања во евра под исти услови, без разлика дали се во земја членка на ЕУ или во приклучена држава.
Покрај сите 27 земји на ЕУ, во SEPA се вклучени и Обединетото Кралство, Исланд, Норвешка, Швајцарија, Лихтенштајн, Андора, Монако, Сан Марино и Ватикан.
Со приклучувањето на Албанија, Молдавија, Црна Гора и Северна Македонија, регионот прави уште еден конкретен чекор кон европската економска интеграција.
Извор: Euronews