Членството на Албанија во Европска Унија до 2029 година повеќе не се споменува како далечна желба, туку како реална можност, под строги услови. Таква порака упати Андреас Шидер, известувач на Европскиот парламент за земјата, оценувајќи дека доколку сегашното темпо на реформи продолжи, Албанија може да го заокружи процесот на пристапување во рамки на актуелниот мандат на Европскиот парламент.
Според Шидер, 2029 година не е произволно избран рок, ниту резултат на некаков симболичен „скок“ од страна на Албанија. Станува збор за политичко-институционална логика: тековниот мандат на Европскиот парламент завршува во 2029, а идејата е процесот на проширување да добие конкретен исход во рамки на истиот парламентарен циклус – под услов реформите да не забават и да не останат само на хартија.
Клучните точки што можат да го одредат темпото се веќе добро познати: владеење на правото, борба против корупцијата, функционално судство, изборни стандарди и политичка стабилност. Во тие области, Албанија често се споменува како „предводник“ меѓу земјите-кандидати, но со јасно предупредување од Брисел дека брзината нема вредност ако не е проследена со реални и мерливи резултати.
Во европските извештаи сè почесто се нагласува дека институционалната издржливост е поважна од формалното отворање и затворање на поглавја. Посебен фокус се става на медиумскиот плурализам, транспарентноста на институциите и намалувањето на политичката поларизација – области каде што напредокот сè уште се смета за кревок.
Од друга страна, дури и ако Тирана ги исполни домашните обврски, процесот не зависи исклучиво од Албанија. Проширувањето мора да помине и низ таканаречената „втора рампа“: политичка согласност меѓу земјите-членки, заморот од проширување и внимателната проценка на Европската комисија. Затоа, паралелно со охрабрувачките изјави, стојат и конкретни услови – економска одржливост, социјални политики, докажливи антикорупциски резултати и сеопфатна изборна реформа што не се носи под притисок и во последен момент.
Пораката на Шидер е двојна. За Албанија, тоа е предупредување дека моментумот не смее да се потроши на политички маркетинг, туку на институции што ќе функционираат и по евентуална промена на власта. За регионот, пак, пораката е уште појасна: ако една земја реално се движи кон членство до 2029 година, тогаш аргументите дека „ЕУ не сака проширување“ или дека „условите не се фер“ стануваат сè потешки за одбрана. Примерот во соседството ја стеснува зоната на алиби.
