Министерот за одбрана Пиро Венгу изјави дека многу наскоро Албанија може да започне со производство во воената индустрија, главно во артилерија, муниција, борбени дронови и униформи „Made in Albania“.
Венгу во телевизиско интервју зборуваше за чекорите кои се преземени во оваа насока со законот за воената индустрија, усвоен минатата година.
– Од целиот правен пакет се создадени два субјекта, домашна и странска компанија. Една од нив е „КАЈО”, која е државна компанија за производство на муниција, опрема и системи, која ја прегрупираше целата стара воена индустрија, меѓу кои фабриките Поличан, Грамш и Мјекеш, рече Венгу.
Според него, досега интерес пројавиле 21 странска компанија за инвестирање во производство на муниција, униформи, оклопни возила, борбени дронови.
– Преговараме со пет од нив и верувам дека наскоро ќе имаме добри вести во оваа насока, особено за регенерација на производствената активност, за артилерија, муниција, борбени дронови и униформи „Made in Albania“ во овие фабрики, најави тој.
Венгу додаде дека Албанија е „мал пазар, земја со релативно скромно население и средства во споредба со земјите на НАТО” и поради тоа, како што рече, „мора да ги здружиме силите за да ги постигнеме целите и капацитетите што мора да ги имаме за повторно вооружување или системите што ги користиме”.