Албанија го враќа резервниот воен персонал во активна служба на вооружените сили

Албанската влада ја одобри одлуката со која се утврдуваат процедурите, начинот и правилата за враќање на резервниот воен персонал во активна служба на вооружените сили на земјата.

„Одлуката има за цел да ги зајакне одбранбените способности на земјата преку транспарентен процес, заснован на принципите на еднаквост, меритократија и недискриминација, да има вооружени сили со квалификуван персонал, по најдобрите модели на земјите на НАТО, стои во одлуката.

Според одлуката објавена на официјалната веб-страница на Владата, враќањето ќе се врши во два главни случаи и тоа при потреба од зголемување на бројот на персонал или потреба од посебни специјалности кои ја гарантираат оперативноста на вооружените сили, како и при општа или делумна мобилизација. 

Според оваа одлука, претходно предложена од Министерството за одбрана, прва цел е воените лица кои претходно служеле како офицери, подофицери, војници или морнари, да се вратат кога на вооружените сили им е потребна нивната воена специјалност и искуство.

Пред враќање во армиските редови пријавените кандидати ќе бидат “предмет на евалуација од соодветните комисии и безбедносни проверки”.

Претходно министерот за одбрана, Пиро Венгу, изјави дека ваквата одлука дошла како „резултат на глобалната ситуација, но и како надополнување на стандардите на НАТО”, додавајќи дека “засега не се размислува за враќање на задолжителниот воен рок”. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни