Албанија денес го отвори кластерот 4 во пристапните преговори со Европската унија, што е вкупно петти кластер во последните 11 месеци. Целта на Тирана е до крајот на годината да го отвори и последниот преостанат кластер.
На меѓувладината конференција помеѓу ЕУ и Албанија во Брисел беа отворени преговори за зелена агенда и одржлива поврзаност, со што досега се отворени вкупно 28 поглавја.
Кластерот 4 ги опфаќа поглавјата:
- 14 (Транспортна политика)
- 15 (Енергетика)
- 21 (Трансевропски мрежи)
- 27 (Животна средина и климатски промени)
Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави на прес-конференција дека Европската унија е „империја“ на која Албанија сака да ѝ припаѓа.
„Денес отворивме уште еден кластер, петти во само 11 месеци. Мислам дека тоа е рекорд. Нашата цел е до крајот на годината да го отвориме и последниот кластер. Знам дека е амбициозно, но се надевам дека ќе успееме“, рече Рама.
Тој додаде дека пред Албанија има уште многу предизвици, но дека нема алтернатива:
„Конечно, за првпат во историјата, можеме слободно да одлучиме со кого сакаме да бидеме ‘во брак’. Во минатото бевме принудени да бидеме дел од други империи, но оваа е империја на вредности, права и безбедност – и токму таму сакаме да припаѓаме.“
Европската комесарка за проширување, Марта Кос, го пофали Албанија за „импресивната работа“ и изрази уверување дека, ако продолжи со ова темпо, до крајот на 2025 ќе го отвори и последниот кластер.
„Знам дека реформите кои ги бараме од земјите кандидати не се лесни, но Албанија покажа дека позитивната промена е можна и дека ЕУ знае да ја награди таквата заложба.“
Комесарката истакна дека отворањето на кластери е тежок процес, но затворањето на поглавја е уште потешко. Посочи дека е потребна натамошна работа, особено во реформата на правосудството, борбата против корупцијата, правата на малцинствата и слободата на медиумите.
Целта на албанската влада е до крајот на 2027 година да ги заврши техничките преговори.
Министерката за европски прашања на Данска, Мари Бјере, чија земја претседава со Советот на ЕУ, изјави дека отворањето на нов кластер претставува важен чекор и доказ дека реалните реформи носат реални резултати:
„Албанија направи големи напори во реформата на правосудството, борбата против корупцијата и усогласувањето со надворешната политика на ЕУ. Таа го покажува својот јасен европски пат.“
Бјере нагласи дека проширувањето станало геополитичка неопходност по руската инвазија врз Украина:
„Проширувањето е приоритет на данското претседателство бидејќи тоа значи посилна и побезбедна ЕУ.“
Албанија од октомври 2024 до мај 2025 отвори четири кластери: Основа, внатрешен пазар, конкурентност и инклузивен раст и надворешни односи
Единствениот неотворен кластер е Кластер 5, кој ги опфаќа прашањата на ресурси, земјоделство и кохезија.
Албанија аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година, доби кандидатски статус во 2014, а првата меѓувладина конференција со ЕУ се одржа во 2022 година.