Албанската полиција го презентираше планот мерки за гарантирање на редот и безбедноста за време на претстојните празници, кои стапуваат во сила веднаш и ќе важат до 3 јануари, до кога готовноста е подигната на повисок степен.
– Со цел да се гарантира редот и безбедноста во последните денови од оваа и првите денови од 2025 година, државната полиција изготви детален план на мерки за спречување инциденти или криминални настани, да се олесни зголемената фреквенција на граничните премини, како и да се спречи прометот и употребата на пиротехнички материи, стои во објавата на министерството за внатрешни работи.
Се додава дека дополнителните мерки предвидуваат зголемено присуство на полициските службеници од сите сектори, целосна контрола на територијата, контрола на граѓаните со криминални досиеја, нивните возила и местата во кои често се движат, врз основа на информациско разузнавање, навремено обезбедување информации за спречување на криминални настани и за фаќање на бараните граѓани.
Дополнително, зголемена е контролата и на граничните контролни пунктови и на зелениот појас на границата, со цел спречување и сузбивање на прекуграничниот криминал.
-Соработуваме со колегите од соседните земји и во насока да се создадат правни олеснувања, да се избегнат долгите редици и да се обезбеди непречено движење преку премините од двете страни на границата. Од наша страна веќе е зголемен бројот на шалтерите и човечките ресурси на сите гранични премини, се нагласува во соопштението.
За божиќните празници и новогодишната ноќ ќе има засилено полициско присуство кај верските објекти и плоштадите, во сите општини во државата.