Алатки пронајдени во Танзанија направени пред околу 1,5 милиони години од коски од слон и носорог според научниците се технолошка пресвртница во човековата еволуција – систематско производство на различни предмети од материјал различен од камен.
Дваесет и седум алатки, откриени на богатото палеоантрополошки локалитет Олдувајската клисура, веројатно биле направени од хомо еректус, раниот човечки вид со слични телесни пропорции како денешниот хомо сапиенс, велат експертите, пренесува Ројтерс.
Веројатно се користеле алатки со различна острина и големина за сечење на месото на ловените животни.
Усвојувањето на алатките го најави појавувањето на технологијата, а најстарите камени алатки датираат од пред 3,3 милиони години. Претходно беше познато дека спорадични примероци се направени пред два милиони години, но откритието во клисурата Олдувај е најраниот пример за систематско производство.
Коскени алатки во клисурата Олдувај беа пронајдени заедно со разни камени алатки направени во исто време.
Додавањето на коскените алатки во комплетот секојдневни алатки е важен момент кој укажува на когнитивен напредок и развој на технолошките вештини, како и сознание дека животните не се само извор на храна, туку и градежен материјал.
„Фактот дека станува збор за дебели коски на екстремитетите сугерира дека раните луѓе имале прецизни анатомски знаења и разбирање за морфологијата на коските“, вели археологот Игнасио де ла Торе, главен автор на студијата објавена во научното списание Nature.
Клисурата Олдувај се наоѓа на југоисточните рамнини на регионот Серенгети во северна Танзанија. Во времето кога се правеле алатките, нашите предци живееле ловејќи и собирајќи плодови во средина богата со растителен и животински свет.