Владата на Шпанија најави развој на нов технолошки систем наречен HODIO, алат што ќе го мери присуството и ширењето на говорот на омраза на социјалните мрежи. Системот ќе анализира големи количини јавни активности на интернет со цел да го процени интензитетот, влијанието и начинот на ширење на ваквите содржини.
Иницијативата беше претставена од премиерот Педро Санчез на меѓународен форум во Мадрид посветен на борбата против омразата и дигиталното вознемирување. Според него, социјалните мрежи во последните години значително ја засилиле поларизацијата во општеството, па затоа е неопходно подобро следење на овој феномен.
Новиот систем ќе ги анализира платформите како Instagram, TikTok, X (Twitter), YouTube и Facebook. Со помош на вештачка интелигенција и експертска анализа ќе се следи колку често се појавува говор на омраза, колку се шири и каква улога имаат алгоритмите на платформите во неговото засилување.
Покрај тоа, системот ќе создава јавни индикатори и рангирање на платформите, со што корисниците ќе можат да видат на која мрежа има најмногу ваков тип содржини. Властите се надеваат дека податоците ќе помогнат во креирање подобри политики за борба против онлајн омразата и ќе извршат поголем притисок врз технолошките компании да преземат одговорност.
Овој проект е дел од поширока стратегија на Шпанија за подобрување на безбедноста на интернет, особено за младите корисници, бидејќи во последната деценија во земјата значително се зголемиле и злосторствата мотивирани од омраза.