Се чини дека Антарктикoт сè повеќе се соочува со притисок од човечката активност. Ново истражување објавено во списанието Nature Sustainability предупредува дека растечкиот туризам и ширењето на истражувачките бази доведуваат до загадување, забрзано топење на снегот и загрозување на веќе ранливите екосистеми.
Научници од Чиле, Германија и Холандија поминале четири години патувајќи преку 2.000 километри низ Антарктик, мерејќи нивоа на загадување. Откриле дека во областите каде што има човечко присуство, концентрациите на токсични метали како никел, бакар и олово се десет пати повисоки отколку пред четириесет години.
Присуството на луѓе, особено преку транспортни средства како бродови, авиони и возила, носи сериозни последици по животната средина. Туризмот на континентот бележи експлозивен раст: од помалку од 8.000 посетители годишно во 1990-тите, бројката достигна над 124.000 во сезоната 2023–2024, според податоци од Меѓународната асоцијација на туроператори за Антарктик (IAATO). Проекциите покажуваат дека до 2034 година, бројот на туристи може да достигне 450.000.

Иако IAATO поставува строги правила – како ограничување на слетувањата и задолжителни биобезбедносни проверки – самото присуство на луѓе носи ризици. Просечното патување на еден турист генерира околу 5.44 тони CO₂. Освен тоа, посетителите го нарушуваат животинскиот свет, газат по чувствителната вегетација и носат ризик од внесување инвазивни видови и болести.
Најзагрижувачко е влијанието од црниот јаглерод – честички од согорување на гориво кои ја затемнуваат снежната површина, намалувајќи ја нејзината способност да рефлектира светлина и зголемувајќи го апсорбирањето на топлина. Според коавторот Раул Кордеро од Универзитетот во Гронинген, еден турист може да придонесе за забрзано топење на околу 100 тони снег.
Научните експедиции, иако неопходни, имаат уште поголем отпечаток – една мисија може да има десет пати поголемо влијание од еден турист. Иако постојат напори за намалување на штетата, како забрана за употреба на тешки горива и воведување хибридни бродови, експертите сметаат дека овие мерки не се доволни. Само брзата транзиција кон обновливи извори на енергија и намалување на фосилните горива може да го ублажи влијанието.
Иако Антарктикoт изгледа недопрен од палубите на туристичките бродови, под површината се случува забрзано топење предизвикано од човечкиот отпечаток. Истражувањето заклучува дека е потребно многу повеќе за да се намали товарот од човечката активност врз овој кревок континент.
Извор: Euronews.com