Над 21 процент од населението во Германија се соочува со ризик од сиромаштија или социјална исклученост, покажуваат најновите податоци објавени од Федералниот завод за статистика на Германија.
Според официјалните бројки, околу 17,6 милиони луѓе минатата година биле во оваа ризична категорија, што претставува 21,2 проценти од вкупното население. Во споредба со 2024 година, уделот останува речиси непроменет (21,1 отсто).
Сè повеќе луѓе под прагот на сиромаштија
Статистиката покажува дека 13,3 милиони граѓани, или 16,1 процент од населението, имале приходи под прагот на ризик од сиромаштија. За споредба, во 2024 година овој процент изнесувал 15,5.
Според дефиницијата на Европската унија, едно лице се смета за изложено на ризик од сиромаштија доколку неговиот приход е под 60 проценти од медијалниот приход на населението. Медијалниот приход ја претставува средната вредност што ја дели популацијата на две еднакви групи – половина со повисоки и половина со пониски приходи.
Колку изнесува прагот?
За лица кои живеат сами, прагот на сиромаштија изнесувал 1.446 евра нето месечно (2024: 1.381 евро). За домаќинства со две возрасни лица и две деца под 14 години, прагот бил 3.036 евра месечно (2024: 2.900 евра), пресметано врз основа на годишниот приход.
Кои се најпогодени?
Надпросечен ризик од сиромаштија е утврден кај: лица кои живеат сами – 30,9% и самохрани родители – 28,7%.
Највисока стапка на ризик е забележана кај невработените, дури 64,9 проценти. Покрај нив, високо изложени се и економски неактивните лица – 33,8% и пензионерите – 19,1%.
Што значи „ризик од сиромаштија или социјална исклученост“?
Според критериумите на ЕУ, едно лице се смета за изложено на ризик доколку е исполнет најмалку еден од следниве услови: приход под прагот на сиромаштија, значителна материјална и социјална депривација и живеење во домаќинство со многу ниска стапка на вработеност.
