Европската недела на имунизација – Заштита или заборавен приоритет?

Алармантно низок опфат на вакцинации во урбано Скопје: Се враќаат ли искоренетите болести?

Во најурбаните, Центар, Карпош и Аеродром опфатот со МРП вакцината е многу низок, под 60-70 %. и тоа доведува до висок ризик од појава повторно со епидемија со морбили. Податоците за генералната покриеност со имуизација покажува дека родителите генерално имаат доверба во вакцинацијата во системот, но најверојатно влијанието на социјалните мрежи, на неточните информации, на дезинформациите доведуваат до тоа голем дел од родителите да бидат во забуна и да одбиваат да ги вакцинираат децата

Вакцините во светот спречуваат 3,5–5 милиони смртни случаи годишно од болести како дифтерија, тетанус, пертусис, грип и мали сипаници. Високиот опфат со вакцинација не само што ги штити поединците, туку создава колективен имунитет, кој ги штити и оние кои не можат да бидат вакцинирани. Во последните години, стапката на имунизација бележи загрижувачки пад во многу земји, вклучително и во Македонија. Во Македонија, опфатот со задолжителните вакцини е под препорачаните 95%, а кај некои вакцини е под 90%. Особено загрижувачки е нискиот процент на вакцинација против морбили, рубеола и заушки (МРП), што доведе до локални епидемии во изминатите години.

Последиците од намалената вакцинација се загрижувачки. Пред се зголемен ризик од епидемии. Болести како морбили, кои беа речиси искоренети, повторно се појавуваат. Повеќе случаи на заразни болести значат поголем притисок врз болниците и медицинските ресурси. Бебиња, постари лица и лица со ослабен имунитет се најпогодени од падот на колективниот имунитет. За да се спречат овие негативни ефекти, неопходно е да се зголеми свеста за важноста на имунизацијата и да се подобри пристапот до вакцини.

Европската недела на имунизација се одбележува секоја година од 24 до 30 април, со цел да се подигне свеста за значењето на вакцинацијата како една од најуспешните јавно-здравствени мерки. Оваа иницијатива, предводена од Светската здравствена организација (СЗО), има за цел да ги истакне придобивките од вакцините и да поттикне поголем опфат со имунизација во сите возрасни групи. . Програмата започна во 2005 година, а од тогаш секоја година се организираат активности за едукација и промоција на имунизацијата.

Историјата покажува дека вакцините имаат моќ да елиминираат опасни болести. Големите сипаници се целосно искоренети, а детската парализа е блиску до целосно исчезнување, со само неколку преостанати случаи во светот. Вакцините исто така играат клучна улога во контролата на болести како мали сипаници, рубеола, хепатитис Б и ротавирусни инфекции.

Опфатот на вакцинација во светот, ЕУ и Македонија

Според податоците од 2023 година, глобалната покриеност со трета доза на вакцина против дифтерија, тетанус и кашлица (DTP3) изнесува 84%. Меѓутоа, 14,5 милиони деца не примиле ниту една доза вакцина, што ги прави „нулти дози” деца. Покриеноста со прва доза на вакцина против морбили е 83%, што е под нивото од 2019 година.

Во Европсиот регион на СЗО, просечната покриеност со трета доза на вакцина против дифтерија, тетанус и кашлица (DTP3) е 94%, додека со прва доза на вакцина против морбили е 93%. Сепак, 27 од 53 земји во регионот не го постигнале нивото на покриеност од 2019 година. Во 2022 година, 300.000 доенчиња во Европскиот регион не примиле ниту една вакцина во својата прва година. ​Според некои податоци на здравствените власти, само 64% од населението во ЕУ е целосно вакцинирано.

Во земјава, имунизацијата е задолжителна и се спроведува преку Националниот календар за имунизација. Покриеноста со вакцини е висока, но постојат предизвици во одредени региони и со специфични вакцини.

„Во однос на примарна вакцинација не e констатиран препорачаниот опфат над 95% за ниту една вакцина, на национално ниво. Регистрираниот опфат за примарната вакцинација е под 90% за сите вакцини и тоа против хепатитис Б, Хемофилус инфлуенца тип Б, ДиТеПер/ИПВ и МРП вакцината, како и вакцинацијата против ХПВ, која бележи најнизок опфат од сите вакцини. Последни две вакцини воведени во Календарот за имунизација се рота вирусната вакцина и пневмококната вакцина, во 2019 година. Во 2023 година, опфатот со рота вирусната вакцина со три дози, на ниво на републиката, изнесува 67,9%. Вкупниот опфат со две дози вакцина против заболувања причинети од Streptococcus pneumoniae изнесува 84,2%, додека
опфатот за ревакцинација (бустер доза) со пневмококната вакцина изнесува 56,3%“ – покажува извештајот на Институтот за јавно здравје.

Опфатот со МРП вакцината (морбили, рубеола, заушки) е загрижувачки низок во одредени општини, како Куманово (48,5%) и Кавадарци (30,9%), што создава ризик од епидемии.

„Имаме неколку скопски општини, во најурбаните, Центар, Карпош и Аеродром опфатот со оваа вакцина ни е навистина многу низок, под 60-70 %. И она што е битно да се знае, тоа нѐ доведува до висок ризик од појава повторно со епидемија со морбили. Затоа, пак, имаме општини во внатрешноста на Македонија, па дури и во некои скопски општини, каде што имаме и над 90% со истата вакцина, што значи дека родителите генерално имаат доверба во вакцинацијата во системот, но најверојатно влијанието на социјалните мрежи, на неточните информации, на дезинформациите доведуваат до тоа голем дел од родителите да бидат во забуна“, вели проф. д-р Александра Грозданова, национален координатор за имунизација.

Претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Лесли Милер, истакнува дека вакцините се еден од најголемите успеси на човештвото.

– Тие се најбезбеден и најефикасен инструмент што го имаме за да ги заштитиме нашите деца од болести што можат да го загрозат животот. Благодарение на децении напорна работа, милиони деца денес се поздрави, учат подобро во училиште и стануваат успешни членови на своите заедници. За да ги заштитиме сите наши деца, вклучително и новороденчињата и оние кои не можат да бидат вакцинирани, мора да одржуваме стапки на имунизација над 90-95%. Колективниот имунитет не е само слоган, тоа е штит што го градиме заедно. Иако имаме постигнато прогрес со вакцинацијата во Северна Македонија, сè уште постојат пропусти и јазови за да се постигне тој колективен имунитет. Потребна е вакцинација во стапка од 90 до 95% и сѐ уште е потребно да го достигнеме тоа ниво“ изјави Милер.

Таа истакна дека вакцината МРП (морбили, заушки и рубеола) е една од најважните за децата бидејќи морбилите се еден од најзаразните вируси во светот – предизвикуваат тешки болести, компликации, па дури и смрт.

– Во Северна Македонија сѐ уште сме далеку од колективен имунитет, со национална покриеност со МРП вакцина од само 72,7% во 2024 година што претставува пад во споредба со 73,4% во 2023 година. Уште една причина за загриженост е ниската покриеност со ХПВ (хуман папилома вирус) вакцинација. Само половина од 14-годишните девојчиња во Северна Македонија биле целосно вакцинирани. Всушност и девојчињата и момчињата треба да се вакцинираат бидејќи постојат силни научни докази дека ХПВ вакцината може да спречи до 90% од случаите на рак на грлото на матката. 50% покриеност едноставно не е доволно. Оваа вакцина е безбедна. Таа е ефективна. И може да спаси уште повеќе животи не само со заштита на вакцинираните, туку и со создавање колективен имунитет што ги штити и другите – истакна Милер.

Претставникот на Светската здравствена организација и шеф на Канцеларијата во Северна Македонија, Аким Али, вели дека СЗО во соработка со УНИЦЕФ го поддржува Министерството за здравство за да обезбеди вакцини за сите возрасни и за сите деца со цел да се спасат животи.

– Ова не е време за повлекување. Знаеме дека по епидемијата со Ковид имаше одредени прашања околу вакцинацијата, меѓутоа, ова се базира на докази. Вакцинацијата спасува животи – истакна Али.

Министерот за здравство Арбен Таравари, изјави дека мотото оваа година е „Имунизација – придобивка за сите“

– Како Министерство за здравство, повторно успеавме оваа година да обезбедиме 385 милиони денари за вакцинирање и ќе се обидеме оваа година повторно да сензибилизираме граѓани за да се вакцинираат што повеќе. Затоа со помош на СЗО веќе се обезбедени во 18 општини, 35 тимови за вакцини, коишто одат врата до врата да им кажат на луѓето колку е важна вакцинацијата. Апелирам до сите да се вакцинираат што повеќе, на таков начин обезбедуваме посигурна иднина за нас, за нашите деца и за целото општество генерално. Што повеќе се вакцинираме, толку помалку болести има шанси да имаме во иднина – додаде Таравари.

Во меѓувреме, Здравствен дом Скопје ќе организира повеќе активности во 39 населени места, во сите градски и приградски општини на Скопје за теренска вакцинација на деца кои ја пропуштиле поради различни причини.

Епидемиолозите предупредуваат дека нискиот опфат со МРП вакцинација и ревакцинација во земјава во последните четири години, го зголемува ризикот од повторна појава на епидемија. Затоа, потребно е веднаш да се засилат активности за спроведување на примовакцинација и ревакцинацијата со МРП. Препораките се службите за вакцинација редовно да го проверуваат вакциналниот статус на сите деца подлежни на МРП вакцина, а децата кои не се вакцинирани или се пропуштени, веднаш да ги повикуваат и вакцинираат согласно распоредот во Календарот.

Со намалување на стапката на вакцинација, расте ризикот од повторно појавување на болести што беа речиси искоренети. Малите сипаници се една од најзаразните болести, а падот на вакцинацијата веќе доведе до епидемии во некои земји. Експертите предупредуваат дека недоволниот опфат со вакцини може да доведе до враќање на опасни болести, вклучително и полио, што сè уште циркулира во некои делови од светот.

Европската недела на имунизација е потсетник дека вакцините се една од најмоќните алатки за заштита на јавното здравје. Одговорноста за одржување на висок опфат со вакцинација е заедничка—на здравствените власти, медицинските професионалци и граѓаните. Само со континуирана имунизација можеме да спречиме враќање на опасни болести и да обезбедиме здравје за идните генерации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни