Големи светски млечни компании продолжуваат со масовно повлекување на бебешка формула од пазарите низ Европа и светот, откако беше откриена контаминација со токсинот церeулид, а француските власти истражуваат два смртни случаи на бебиња кои, според пријавите, консумирале формула на „Нестле“.
Француското Министерство за здравство потврди за Euronews Health дека засега не е научно утврдена директна причинско-последична врска меѓу формулата и смртните случаи. Компанијата „Нестле“ соопшти дека целосно соработува со институциите и дека ги следи сите случувања со целосна транспарентност.
Во меѓувреме, властите во белгискиот регион Фландрија потврдија дека едно бебе се разболело во јануари 2026 година по консумирање контаминирана формула на „Нестле“. Детето имало повраќање и дијареа, но целосно се опоравило по околу десет дена.
„Преку анализи на примероци од столицата беше потврдено дека болеста е предизвикана од токсин церeулид присутен во млеко на ‘Нестле’“, изјави портпаролот на белгиското Министерство за грижа, Јорис Муненс.
Надлежните потврдија дека серијата на производот е дел од националното повлекување на формулата во Белгија.
Што е церeулид и колку е опасен?
Церeулид е топлински стабилен токсин кој го произведува бактеријата Bacillus cereus и може да се развие во храна. Кај бебињата, најчести симптоми се нагло повраќање и дијареа, кои се јавуваат во период од 30 минути до три часа по консумирањето, слично на симптомите на стомачен вирус.
Кога започна контаминацијата?
Контаминацијата е лоцирана на почетокот на декември 2025 година. На 10 декември, „Нестле Франција“ објави повлекување на бебешка формула произведена во фабрика во Нунспет, Холандија, поради сомнеж за присуство на церeулид.
Истражувањата покажале дека проблемот потекнува од еден кинески добавувач на ARA масло (арахидонска киселина) – клучна состојка во премиум формулите за доенчиња.
Од крајот на декември 2025 година, сите производители на бебешка формула кои користеле ARA масло од овој добавувач морале да спроведат сопствени безбедносни анализи, соопшти француското Министерство за земјоделство.
Во јануари 2026 година, „Нестле“ го прошири повлекувањето на десетици серии во повеќе од 60 земји, што прерасна во едно од најголемите повлекувања во историјата на компанијата, опфаќајќи брендови како SMA, Beba, Guigoz и Alfamino.
И други компании повлекуваат формула
Француската компанија Lactalis информираше дека одредени серии можеби користеле исто масло и повлече дел од производите на брендот Picot, дистрибуирани во 18 земји, со рок на употреба до март 2027 година.
Компанијата Danone исто така потврди повлекување на одредени серии на Aptamil и сродни брендови низ Европа, Велика Британија и Азија. Дополнително, Vitagermine и Hochdorf Swiss Nutrition повлекоа формули во Франција и Швајцарија.
Извор- Euronews Health,
